Мирно и без проблеми почна гласањето за нов претседател

Утрово од 7 часот се отворија гласачките места низ државата за шестите претседателски избори. Во трка се тројца кандидати – Блерим Река, Гордана Сиљановска Давкова и Стево Пендаровски. Право на глас имаат 1.808.131 граѓани на 3.480 избирачки места. Гласачките места ќе се затворат во 19 часот.

Изборот е меѓу кандидатите Блерим Река, кој е поддржан од Алијансата за Албанците и БЕСА, Гордана Сиљановска, која е кандидат на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ и Стево Пендаровски, кандидатот на СДСМ и на владината коалиција.

Според член 81 од Уставот, победата на еден од кандидатите во првиот круг може да им ја донесе мнозинство на гласови од вкупниот број избирачи, односно 904.066 гласови за кандидатот.

Доколку не се случи изборот да биде завршен во првиот круг, во вториот круг одат двајцата кандидати што освоиле најмногу гласови во првиот круг. Вториот круг од изборите е закажан две недели подоцна, на 5 мај.

Во исто време со претседателските се одржуваат и локални избори во општините Дебар, Ново Село и Охрид за избор на нови градоначалници, каде има привремени вршители на функцијата. Во Ново Село причината за избор на нов градоначалник е апсењето на Боро Стојчев, а во Дебар и Охрид причина е ненадејната смрт на градоначалниците Ружди Љата и Јован Стојановски.

Изборниот процес ќе го следат 3.094 лица домашни набљудувачи и 419 меѓународни набљудувачи.

Вчера на 32 гласачки места во дипломатските конзуларни претставништва гласаа граѓаните од дијаспората, каде беа пријавени 1.782 гласачи. Истиот ден гласаа и болните и немоќни лица, при што пријавени за гласање беа 3.583 гласачи, како и 1.600 затвореници сместени во затвор или куќен притвор и седум раселени лица кои се пријавиле во ДИК за гласање. Прв пат гласале и гласачи во два старачки дома. Од 71, гласач, своето право го оствариле 70. Од ДИК соопштија дека вчерашното гласање поминало тековно и без проблеми.

За прашања околу остварувањето на избирачкото право или за пријавување нерегуларности, граѓаните денеска ќе може да пријават на бесплатниот телефонски број 0800 555 444 на Државната изборна комисија (ДИК).

Ново е тоа што на денот на изборите за граѓаните со оштетен слух и говор ќе биде активен телефонскиот број 076 488 360 на кој преку видео повик ќе можат да постават прашање до ДИК и да добијат одговор на знаковен јазик.

Исто така, во канцеларијата на Народниот правобранител од 7 до 19 часот ќе функционира бесплатната телефонска линија: 0800-54321, на која граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на избирачкото право.

Покрај ова, Центарот за слобода ЦИВИЛ ги повика сите граѓани да пријавуваат изборни нерегуларности од секаков вид. Притисоци, закани, уцени, корупција, поткуп, злоупотреба на јавните ресурси или службената положба, кршење на изборниот молк, незаконито работење на изборната администрација, агитација и пропаганда, говор на омраза, лажни вести, проблеми со Избирачкиот список, односно сѐ што граѓанките и граѓаните сметаат дека не е во согласност со нивното сфаќање за слободни, фер и демократски избори, можат да го пријават во ЦИВИЛ.

Пријавите може да се поднесуваат деноноќно, на веб страницата Слободни избори, по електронска пошта (civil@civil.org.mk), во порака на Фејсбук или на телефоните 02 / 5209 176, 070 734 044.