Мирен марш денеска во Неготино за лицата со посебни потреби како одговор на реакциите во Тимјаник

По вчерашните реакции на жителите на неготинското Тимјаник против изградба на мал групен дом за лица со посебни потреби во нивното село, група неготинци решија да организираат мирен марш, со кој ќе испратат порака дека лицата со посебни потреби се добредојдени.

„Не е добро кога поради мала група на неиформирани граѓани се формира мислење за цело население. Во Неготино има простор за лицата со посебни потреби“, напиша во својот повик Симон Андов, долгогодишен волонтер на Црвениот крст во Неготино.

Маршот ќе започне во 18:30 часот, пред куќата на Драгица, или попозната како Гага, девојче со посебни потреби, а потоа ќе продолжи кон центарот на градот.

„Ви гарантирам, немате потреба од страв дека вие или вашите деца ќе бидете нападнати. А, тоа дека можете да бидете изгушкани од Гага – тука не гарантирам!!!“, вели Андов. 

На вчерашната средба со министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, жителите на Тимјаник категорично се изјаснија против изградба на овој дом, иако велат дека немаат ништо против децата со посебни потреби. Нивниот аргумент е дека за селото е повеќе потребна градинка за останатите деца во селото.