МИОА: Нема употреба на 5G мрежа на македонска територија, туку само две тестирања

Откако во изминатиов период се појавија бројни шпекулации за тестирање на 5G мрежата на македонска територија, Министерството за информатичко општество и администрација соопшти дека тоа се дезинформации.

„Информациите кои се појавија во јавноста, дека деновиве се прават тестирања се неточни. Во нашата држава до сега се направени само две тестирања и тоа, едно во 2018 година во ограничени и строго контролирани лабараториски услови и второ тестирање во 2019 година, на ограничен простор“, велат од Министерството за информатичко општество и администрација, како одговор на шпекулациите дека во земјава има воведено употреба на 5Г мрежа.

Од таму повикуват да се престане со објавување на дезинформации кои, како што велат, создаваат паника кај граѓаните, додавајќи дека граѓаните исто така, треба да ги проверуваат изворите на информации.

„Лажните вести имаат непроценлива штета, особено во вонредни ситуации како што е оваа со коронавирусот и одговорноста е на сите нас да придонесеме кон намалување на ризиците. Тоа може да го направиме само ако сме доволно и точно информирани, од релевантни и проверени извори“, пишуваат од Министерството.