Министерството за култура ќе го надополни буџетот за филм и ќе започне постапка за нов закон за аудиовизуелна дејност

Ќе има надополнување на буџетот за филм за 2018 година во висина доволна за финансирање на проектите што ги исполнуваат критериумите за квалитет, согласно оценките на релевантните комисии во Агенцијата за филм и согласно законските процедури. Ова го договориле вчера Министерството за култура, Агенцијата за филм и претставници на филмските работници кои протестираа минатата недела.

На средбата што се одржа вчера биле договорени неколку заеднички чекори, чија цел е унапредување на состојбите во филмската дејност.

Филмските работници бараат поголем буџет, министерството тврди дека е проектиран според потребите

„Министерството за култура во никој случај нема да ја загрози филмската дејност во 2018 година. Предлог – буџетот за 2018, за разлика од буџетите од претходните години што биле зголемувани со преземање на обврски над реалните можности, претставува основа за расчистување на оние преземени обврски, за кои ќе се утврди дека ги исполнуваат сите законски норми“, се вели во соопштението на министерството.

Засегнатите страни, како што велат од министерството, се договориле во периодот што претстои да се организираат отворени стручни дебати, од кои како заклучок ќе произлезе буџетската ставка за филмска дејност, која треба да ги задоволи оптималните потреби на македонската кинематографија по европски стандарди.

Од Министерството за култура најавија и започнување постапка за носење на нов закон за аудиовизуелна дејност кој ќе биде по европски терк и ќе биде изготвен во соработка и во корист на филмските професионалци.