Министерството за финансии распиша повик за учество на хакатон

Министерството за финансии во соработка со Фондот за иновации за првпат организира ФинХакатон. Oвој 48-часовен предизвик има за цел да собере и поттикне млади, креативни и иновативни луѓе да изработат демо иновативни софтверски и мултимедијални решенија. Креираните алатки ќе треба да ги доближуваат јавните финансии до граѓаните.

Настанот ќе опфати креација на три софтверски и мултимедијални решенија – веб-апликација, видео и видеоигра. Овој процес покрај креативноста ќе поттикне и претприемничко размислување кај младите.

Наградниот фонд за реализација и финализација на победничките решенија по завршувањето на ФинХакатонот е 1,5 милиони денари.

Победниците ќе имаат можност да основаат сопствена стартап компанија. Менторите ќе им помогнат на учесниците во реализацијата на нивните идеи.

На настанот може да се пријави секој што има пасија да работи на овие проекти користејќи отворени податоци.

Во секој тим потребни се членови со предзнаења во делот на развој на веб-апликации, дизајн, хардвер, софтвер, економија, бизнис и маркетинг, мулитмедија. Може да се пријави секое лице државјанин на РМ со наполнети 18 години, поединци или тимови.

Натпреварот ќе се одржи од 6 до 8 јули 2018 година во просториите на Министерството за финансии. За таа цел натпреварувачите ќе треба да бидат присутни 48 часа во Министерството.

Пријавувањето на поединците или тимовите ќе трае до 30 јуни 2018 год., регистрацијата ќе се одвива на следниот линк.