Министерството молчи, средношколците не се откажуваат од бојкотот

Бојкотот на наставата во дел од средните училишта во Македонија продолжува.  Учениците во гимназиите „Никола Карев“, „Раде Јовчевски-Корчагин“, „Јосип Броз Тито“ беа само дел од скопските средношколци кои и денеска не отидоа на настава, но имаа низа алтернативни активности во холовите на училиштата.

Бојкот во училиштето „Јосип Броз“ во Скопје

Бојкот во училиштето „Јосип Броз“ во Скопје

Според учениците, притисоците за да се стави крај на бојкотот растат, меѓутоа тие не се откажуваат од своите барања. Во некои од училиштата им биле забранети за користење дел од просториите во склоп на училиштето со, како што велат тие, смешни изговори за наводни проблеми со електричната енергија.

„Единствено што бараме е да се огласат од МОН и да ни одговорат на нашите барања. Министерството кое е задолжено за образованието, односно за нас, не реагира на нас. Изминаа месеци откако го предадовме барањето а се уште немаме никаква реакција. Бојкот на наставата ќе трае додека не реагираат од МОН, додека нашето барање не биде разгледано и не добиеме официјална покана од Министерството за образование и наука“, вели средношколка од гимназијата „Корчагин“ за Радио МОФ.

Министерството молчи, средношколците не се откажуваат од бојкотот

Продолжува бојкотот на наставата и во „Корчагин“

Радио МОФ неколку пати се обиде да стапи во контакт со портпаролката на Министерството за образование и наука, Ардијана Ќамили, но таа не одговара на нашите повици и немаме информација дали оваа недела Адеми ќе ги покани претставниците на Средношколскиот пленум на средба.

Се бојкотира и во „Св. Климент Охридски" - Охрид

Се бојкотира и во „Св. Климент Охридски” – Охрид

„Немаме информации за средбата со Адеми, но тој два пати ни вети дека ќе се сретнеме. Се надеваме дека ќе не викне што поскоро бидејќи и ние не сакаме да губиме настава само зашто министерството има игноратски однос кон нас“, вели средношколка од „Никола Карев“, каде исто така веќе шести ден се бојкотира наставата.

Учениците бараат враќање на стариот концепт на полагање на државната матура, укинување на електронското полагање и ставање на законот за екстерно тестирање во мирување.

Бојкот на настава освен во Скопје има и во Тетово, Куманово, Струмица, Охрид и Битола.

И.Ч.