Министерство за здравство: Нема нови случаи со коронавирус

Во изминатото деноноќие не се тестирани нови пациенти од корона вирус и до овој момент нема нов случај на заболен од овој вирус во Македонија. Единствената пациентка позитивна на вирусот ковид 19 е во добра здравствена состојба. Таа се лекува во одделот за изолација, под постојан мониторинг на стручниот лекарски тим според сите здравствени протоколи на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, соопшти Министерството за здравство.

Според министерството, останатите патници кои биле во комбето со единствената пациентка позитивна на корона вирус и лицата со кои тие оствариле непосреден контакт остануваат во домашна изолација.

Во моментов, велат од таму, нема македонски државјани заразени од овој вирус, ниту пак македонски државјани кои се под карантин во Италија.

„Северна Македонија ги спроведува препораките на Светската здравствена организација за заштита од корона вирус. Нема простор за паника, апелираме до граѓаните да ги применуваат мерките за хигиена, како што се избегнување близок контакт со лица кои имаат респираторни симптоми, кашлање, кивање, почесто миење раце со сапун и топла вода, да се стави маска доколку во близина има лице со симптоми на респираторно заболување“, соопшти министерството.

Во однос на состојбата со корона вирусот, апелираат до граѓаните да се информираат само од официјалните информации на релевантните институции.