Министерот Нуредини издаде наредба за итно спроведување на брзите мерки во Русино

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини денеска издаде наредба на Центарот за развој на Полошкиот плански регион, преку ангажираниот изведувач „Пелагонија“ АД Гостивар и ЈКП „Комуналец“ Гостивар, да спроведат брзи мерки за санирање на последиците по животната средина од работењето на постојната локација за отстранување на отпад во Русино.

Наредбата доаѓа по усвојување на заклучокот на владина седница на 1 декември, по иницијатива на Нуредини, информираат од надлежното министерство.

„Брзите мерки треба да опфатат изградба на систем за третман на исцедокот кој се состои од насип кој ќе спречува влевање на атмосферски води во веќе депонираниот отпад, канал, резервоар и пумпа што ќе го враќа исцедокот во постоечката депонија, административна куќарка за вработените, вага за мерење на возилата кои транспортираат отпад за депонирање и делница каде ќе се постави вагата, за што се обезбедени средства преку Проектот за воспоставување на новиот регионален самоодржлив систем за управување со комунален отпад во целиот Полошки регион преку грант од Швајцарската Влада за Владата на РСМ од 1.900.000,00 швајцарски франци“, стои во соопштението на МЖСПП.

Ваквите активности, како што се посочува во соопштението, досега не биле спроведени поради админситративно одолговлекување на постапките, заради што Нуредини издал наредба.

„Во рамки на проектот досега се реализирани следните активности: Изработен и одобрен од страна на МЖСПП Регионален план за управување со отпад за Полошки регион; Стратешка оцена на животната средина на планот (СЕА); Физибилити студија (ФС); Анализа на придобивките и трошоците (АПТ); Оцена на влијанието врз животната средина (ОВЖС); Детални проекти и помош при подготовка на тендерски дoкументи за договори за работи и набавки за изградба на избраните постојки за претовар, третман и отстранување на отпад, за затворање и санација на нестандардни депонии и диви депонии и за набавка на опрема за собирање и транспорт на отпад сообразно со стандардите на ЕУ“, информираат од МЖСПП.

Истовремено, тие посочуваат дека е направена и подготовка на севкупната документација за основање на Регионално јавно претпријатие за управување со отпад за Полошкиот регион, кое ќе управува со идната регионална депонија, дека се набавени  контејнери за сите општини во Полошкиот регион, како и дека се изработени и емитувани телевизиски спотови за подигнување на јавната свест кај граѓаните.

Успешното завршување на проектот, од МЖСПП информираат дека е предуслов за обезбедување на дополнителни средства за изградба на санитарната депонија.

Претходно, во септември беше постигнат договор депонијата Русино привремено да се санира, а нова локација да се бара во рок од пет години.

Проблемот со депонијата Русино се провлекува веќе подолг период, а гостиварци го актуелизираа проблемот повторно во август, кога беа организирани неколку протести, но и  блокада кон пристапот на депонијата која траеше повеќе од еден месец.