Министерот Адеми најави полагање тестови и испити од дома, училиштата и факултетите сами ќе одлучуваат за наставата

Владата донесе уредба со законска сила што предвидуваа основните и средните училишта, како и високо образовните установи и јавните научни установи да организираат далечинско учење или учење од дома со примена на средства за електронска комуникација, соошти вечерва на својот ФБ профил министерот за образование и наука Арбер Адеми.

Како што појаснува министерот, секоја образовна институција сама ќе одлучува за формата на далечинско учење што ќе го применува. Притоа ќе треба да ги земе во предвид можностите на сите страни вклучени во образовниот процес  за користење на одредени онллајн алатки, со кои се организира настава без физичко присуство.

„Наставниот кадар е должен за време на далечинското учење да реализира настава, да организира вежби, тестирања, проверка и објективно оценување на знаењето на учениците.

Лично верувам во капацитетот на образовните установи, како и на наставниот кадар, така што очекувам продолжување на воспитно – образовниот процес за сите кои се дел од едукативниот систем во земјата и истовремено, информирам дека Министерството за образование и наука е постојано и целосно подготвено да помогне онаму каде ќе бидат нотирани предизвици и потреба од поддршка,“ напиша Адеми.

Наставата на факултетите и училиштата е прекината скоро две недели, откако се појавија првите заболени лица од новиот коронавирус во земјава. Засега, никој не предвидува кога учениците и студентите ќе се вратат на настава.

Средношколците бараат алтернативи за учење од дома, системот не нуди онлајн настава