Милиони деца во Сирија не одат на училиште и десет години по војната, велат од УНИЦЕФ

За време на десетгодишната граѓанска војна во Сирија загинале или биле ранети скоро 12.000 деца, покажува новиот извештај на Агенцијата за деца на Обединетите Нации (УНИЦЕФ) објавен по повод десетгодишницата од почетокот на сириската војна.

Во извештајот дополнително се наведува дека 2,45 милиони деца не посетуваат училиште, како и дополнителни 750.000 сириски деца кои се наоѓаат во соседните земји. Од почетокот на војната повеќе од 1.300 училишта и болници и вработените во овие установи биле мета на напади.

„Во 2020 година е удвоен бројот на деца со симптоми на психосоцијални проблеми, поради тоа што континуираната изложеност на насилство, шокови и трауми значајно влијаеше на менталното здравје на децата“, стои во извештајот.

Од УНИЦЕФ посочуваат и дека за војната биле регрутирани повеќе од 5.700 деца, од кои некои имале само седум години.

На скоро 90% од децата им е потребна хуманитарна помош, што е зголемување од 20 проценти во однос на претходната година.

Во војната која изби во средината на март 2011 година загинаа речиси 500 илјади луѓе, повеќе од милион беа ранети, а половина од населението на Сирија беше раселено, меѓу кои и пет милиони бегалци.

Минатата година ситуацијата дополнително беше влошена поради тешката економска криза и ширењето на коронавирусот.