„Мијалков да го вратите“ – најавен протест пред Владата во 18 часот

Преку Фејсбук страницата „Странски служби“ објавен е настан насловен „Мијалков да го вратите“ со почеток од 18 часот пред Владата на Република Северна Македонија.

Во описот на настанот само кусо се посочува дека се работи за протест пред Владата, за која што велат, „што дозволи Сашо Мијалков да и побегне на правдата“.

Инаку вчера пред Владата исто така протестираа десетина граѓани, откако пред два дена полицијата не успеа да го најде поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков во неговиот дом, по судската одлука да му биде одреден куќен притвор пред пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“, која треба да се соопшти во петок.

Мијалков од вчера се бара и со меѓународна потерница, откако по него беше распишана и национална потерница.

Премиерот Зоран Заев во текот на вчерашниот ден истакна дека очекува истрага за целиот случај, но и најави дека ќе побара одговорност од надлежните институции.

Мијалков е обвинет во случајот „Таргет-Тврдина“, главниот судски процес за масовното нелегално прислушкување кое го спроведувала УБК во периодот од 2008 до 2015 година, кој првично го отвори Специјалното јавно обвинителство па го презеде Основното јавно обвинителство. Тој е обвинет за злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и за примање награда за противзаконито влијание, за што Обвинителството бара максимална казна.