Мета.мк: Јунската сесија на УКИМ дел онлајн, дел со физичко присуство

Пандемијата предизвикана од коронавирусот го измени начинот на кој ќе се полагаат испитите на македонските универзитети. Додека УГД се одлучи за онлајн опцијата, за битолскиот УКЛО повеќе прифатливо е полагањето со физичко присуство со посебни мерки на претпазливост, пишува Мета.мк.

На најголемиот универзитет во државата, „Св. Кирил и Методиј“ , секој факултет сам одлучува кој начин на полагање е најсоодветен. Зголемениот број на заразени во Скопје го одложи почетокот на претстојната испитна сесија на неколку факултети. На Факултетот за електротехника и информациски технологии предвидени се комбинирани полагања.

„Заедно со Деканатот увидовме дека иницијалниот датум, 8 јуни, нема да биде изводлив  со оглед на ситуацијата, зашто ФЕИТ имаше за цел да се почне со физичко полагање. Физичкото полагање е нешто што според мене го презервира интегритетот и стандардот на високото образование кое се нуди на нашиот факултет. Но, бидејќи ситуацијата ескалираше во последните неколку денови, со одлука на наставно-научниот совет, се договори сесијата да почне на 15 јуни. Полагањето ќе биде хибридно, комбинација од физичко и електронско полагање. Ќе има две испитни сесии за предметите од летен семестар и една за оние од зимскиот “, вели Дејан Димитриев, претседател на факултетското студентско собрание на ФЕИТ.

За студентите што престојуваат во студентските домови кои во моментов се затворени, на некои факултети ќе им биде овозможено да полагаат само електронски.

„Студентите што живеат повеќе од сто километри оддалечени од Скопје, не мораат да доаѓаат и да полагаат физички. Тие можат да полагаат од своите домови, со цел да не се мачат и да не патуваат по 3- 4 часа, па да полагаат. Затоа дел од  предметите ќе ги полагаат целосно онлајн, оние предмети за кои што тоа е можно. Факултетот во ниту еден случај нема да дозволи студентите да бидат ставени на ризик“, вели Димитриев.

Слична е ситуацијата и на Природно-математичкиот факултет.  Ќе се полага комбинирано, а студентскиот лидер, Даниел Николовски, очекува одложување на сесијата која е предвидена да почне во понеделник.

„Закажани се датуми за речиси сите испити. Секој институт ги закажува полагањата врз основа на материјата и природата на предметите. Писмениот дел ќе се полага со физичко присуство, а усниот дел, односно теоријата ќе се полага онлајн. Со оглед на зголемениот број на заразени лица, очекувам полагањата да бидат одложени, но нема да ме изненади испитната сесија да се замрзне, да не се одржи“, вели Николовски.

Според него, на оние студенти кои нема каде да престојуваат ќе им биде овозможено да полагаат само онлајн. „Иако навидум се чини дека тие ќе поминат полесно од другите, нема да биде така. Најверојатно ќе имаат дополнителни задачи или проекти кои ќе треба да ги изработат“, додава Николовски.

Дел од студентските претставници, пак, најавуваат и ваучери за меѓуградски превоз.

Комбинација од онлајн и физичко полагање ќе има и на Филозофскиот, Економскиот, Машинскиот и други факултети.

На Медицинскиот факултет во Скопје, најголем дел од испитите ќе се одвиваат усно, со физичко присуство.

„Сесијата ќе започне на 15-ти јуни. Имаме три колоквиумски недели и завршни испити. Завршните испити најверојатно ќе се полагаат усно. Останува на професорите да одлучат, но очекувам што помалку писмени испити“, вели Марио Петрески, претседател на ФСС на Медицинскиот факултет.

Студентите кои ќе полагаат со физичко приуство, според протоколот на Владата, задолжително треба да досат заштитна маска на лицето и ракавици. Забрането е групирање, а на влезот на факултетите задолжително треба да има лица кои вршат дезинфекција на студентите.

Извадок од Протоколот за изведување на испити, издаден од Владата

Извор: Мета.мк