Мексикански политичар со #хаштагкампања ќе го освојува гласот на „обичните луѓе“

Политичките кампањи се шанса за кандидатите да и ги презентираат на јавноста своите вештини, верувања и работи за кои се грижат. Но, мексиканскиот политичар Хавиер Запата реши да отскокне од другите кандидати започнувајќи поинаква кампања – за неговите мустаќи и „оригиналниот“ хаштаг на социјалните мрежи.

Овој кандидат за гувернер ја промовира својата кампања преку изнајмување на билборди, но не кои било билборди. Покрај неговата фотографија, билбордите се испишани со неговиот хаштаг #hashtagcampaña, или буквално #хаштагкампања.

Неговата кампања за кратко се прошири на социјалните мрежи, каде луѓето решија да се пошегуваат на сметка на Запата.

Но, и покрај тоа, на Запата најверојатно му се допаѓа неговиот слоган. Тој дури реши да го замени неговиот стар, еднакво „уникатен“ хаштаг – #PorMisBigotes што значи „за моите мустаќи“.

Тој објасни дека неговата нова кампања е рефлексија за тоа колку тој е близок до „обичните луѓе“.

„Јас сум убеден дека обичните луѓе имаат повеќе искуство во креаирање на хаштаг за политичка кампања од самите партии, или од повеќето советници за кампањи што чинат милиони“, рече тој.