Медиумската (не)писменост во образованието како орудие за лажните вести

Три часа дневно е времето кое средношколецот Бленди Ходаи го поминува на социјалните мрежи. Секогаш се труди информациите и вестите да ги добива од сигурни извори, бидејќи, како што вели, социјалните мрежи се идеалното место за споделување на лажни вести од различни поединци. Во случаите, пак, кога вестите ги зема од, како што вели, некредибилни медиуми, тој ги пишува главните зборови на „Гугл“, а тоа му помага за полесна верификација на истите.

Ходаи е и претседател на Унијата на средношколци, а неговата позиција му помогнала да оствари професионални односи со новинари од земјава, а нив често ги контактира за потврда на вестите поврзани со образованието.

„Многу е тешко да се изменаџира големиот бран вести на социјалните мрежи и младите се ранливи во тој аспект. Мрзливи се да прават верификација на информации и ги прифаќат како такви. Така што, мислам дека во нашите училишта треба да има повеќе Media literacy за едукација на младите“, вели Ходаи.

Младите луѓе, според едно истражување на Евротинк/Метаморфозис, поминуваат 39 часа на интернет. Ова истражување покажува дека 38 отсто од нив се информираат од интернет (електронски верзии на телевизии, дневни весници и портали), додека 32 отсто се информираат од социјалните мрежи (Фејсбук и Твитер).

Според друго истражувањето на WFD и невладината организација Младински образовен форум 44 проценти од младите за политика се информираат од социјалните мрежи и онлајн медиумите, 33 отсто од нив се информираат од телевизија, 10 отсто од семејството или пријателите, а 12 проценти воопшто не се информираат.

Младите поради корона кризата седат почесто дома, а нивните факултетски предавања се преселија онлајн, па оттука уште поважно е тие да знаат што читаат. Па се поставува и прашањето за тоа колкава е потребата за медиумска писменост кај младите.

Засега, медиумската писменост како тема во формалното образование единствено се наметнува на сосема неформален начин, при анализа на содржини од медиумите што опфаќаат прашања од нивен интерес, вели професорката Тамара Ќупева од скопската гимназија „Орце Николов“.

„Во наставните предмети од средното гимназиско образование многу малку содржини ги опфаќаат темите за медиумска писменост. Постојат неколку содржини за медиумите  како форма на изразување (македонски јазик, социологија, ликовна уметност ), но формално тие не ја опфаќаат потесната тема за медиумска писменост“, објаснува Ќупева.

Лажните вести, пропагандата и дезинформациите, вели Ќупева, најчесто се ставаат во контекст на темите што ги креираат нивните ставови, убедувања и размислувања, а тука, додава таа, секогаш се развива дебата.

Во однос на потребата младите да учат за овие теми, Ќупева вели дека цели општествени процеси и промени започнуваат и се дефинираат во медиумите.

„Тие се природен дел од животот на младите и во таа смисла, медиумската писменост станува неопходност, нужен дел во процесот на подготовка на учениците за соочување со реалниот живот“, посочува Ќупева.

Лесна манипулација

Според неа, тоа е посебно важно за помалите, учениците во основно училиште, кои многу рано се вклучуваат во медиумската интеракција, целосно неподготвени за препознавање на манипулациите, дезинформациите и лажните вести и нивното сериозно влијание во целокупниот нивен развој.

„Секојдневно многу центри на моќ (политички, бизнис, економски заедници) се обидуваат да ‘ја продадат својата вистина’, а критичкото мислење ја блокира можноста од манипулација и заведување, т.е. од донесување погрешни судови“, се вели во прирачникот за неформално образование за медиумска писменост насловен „Со критичко мислење до разобличување на дезинформации“.

Простор за поттикнување на критичко размислување кај учениците во формалното образование, според Ќупева, постои, а додава дека наставните содржини и вообичаеното секојдневие наметнуваат прашања за анализа, расправа и дебата.

„Нема развој на критичко мислење во училницата ако наставникот и самиот не е отворен и подготвен за промени,  за постојано учење и за следење на актуелни трендови што ги  креираат медиумите. А децата и младите се најинспиративен дел во тој процес. Само треба да им се даваат повеќе можности  да бидат слушнати и, секако, да се почитува  и нивниот начин на размислување“, подвлекува Ќупева.

Психологот Марија Младеновска-Димитровска од средното училиште „Таки Даскало“ во Битола, исто така, смета дека се наметнува потребата младите да се образуваат за медиумската писменост и препознавањето на лажни вести, особено затоа што секојдневно сме сведоци на лажни информации и говор на омраза во медиумите.

Едукацијата, смета таа, може да се прави системски во воспитно-образовниот процес, во склоп на одредени предмети, како граѓанско образование, социологија, психологија, педагогија, во ракмките на класните часови, но, додава и дека тоа може да се изведе и преку вклучување на младите луѓе во проекти кои се однесуваат на медиумска писменост.

„Конкретно во училиштето во кое работам ‘Таки Даскало’ од Битола, вклучени сме во бројни проекти кои се однесуваат и на медиумската писменост и на препознавање на говор на омраза, во училиштето имаме и посебен тим од психолози и ученици за спречување на говорот на омраза, насилството и сајбер насилството, редовно држиме едукативни предавања, работилници на овие теми“, објаснува Младеновска-Димитровска.

Младите, важно е да се едуцираат за тоа што се опфаќа медиумската писменост, додава таа.

Младеновска-Димитровска како психолог и професор во средно образование посочува дека образовниот систем е една од клучните алатки кои можат да придонесат за развој на критичкото мислење кај децата и младите и поголема медиумска писменост.

„Преку квалитетна едукација и поттикнување на критичкото мислење уште од најрана возраст кај децата, ќе можеме да имаме и добро едуцирани, критички настроени млади луѓе и граѓани. Нашиот образовен систем, за жал, и покрај многу реформи кои се преземаат во последните години, и заговарање на активна настава, не се базира на развивање и поттикнување на критичкото мислење кај децата. Ние треба да ги научиме децата да истражуваат, материјалот што им го предаваме да го учат со разбирање, критички да го обработуваат, да расудуваат и изнаоѓаат креативни решенија, да решаваат проблемски задачи, да се развива формално-логичкото мислење, творечкото мислење, самостојност, примена на знаењата“, посочува Младеновска-Димитровска.

МОН не планира предмет за медиумска писменост

Последиците од изложеноста на лажни, штетни и манипулативни содржини во медиумите, објаснува Младеновска, можат да имаат негативно влијание врз личноста на младите кои се особено ранливи и осетливи.

„Младите луѓе, бидејќи се во фаза на интензивен развој и потрага по сопствениот идентитет, сѐ уште немаат изградено критичко мислење, нивниот систем на вредности не е оформен и изложеноста на лажни содржини, може да предизвика лесна манипулација со нивните ставови, бурни емоционални реакции, што како последица може да има и преземање на дејствија кои би имале негативни последици кон други лица и средината“, објаснува таа.

Таа смета дека тие лесно можат да бидат изманипулирани со непроверени или нецелосни информации кои би предизвикале интензивни реакции.

„Токму тоа е и целта на креирањето лажни вести, манипулирање со чувствата на луѓето, поттикнување на чувства на омраза, гнев, бес, страв, паника, осуда, ширење и поттикнување на говор на омраза кон одредени групи на луѓе, дискриминација по етничка, верска, родова, национална, сексуална припадност“, потенцира Младеновска.

Воведување на сосема нов предмет кој ќе ја обработува медиумската писменост, во Министерството за образование (МОН) засега не планираат.

„Медиумската писменост е дел од националниот образовен систем преку застапеност на теми од оваа област во наставните програми по повеќе предмети во основното и средното образование. Но, имајќи предвид дека медиумската и дигиталната сфера се развиваат со особено брз интензитет и ги засегнуваат сите категории на граѓани, вклучително и учениците уште од најрана возраст, се наметнува потребата од проширување  на темите со кои во оваа насока младите треба да се запознаваат и да ги совладуваат“, потенцираат од МОН.

Тоа и била констатацијата на работната група за Медиумска писменост која е формирана од Владата во октомври минатата година, а следниот чекор, како што велат оттаму, е спроведување на подетална анализа на постојните наставни програми и утврдување на тоа каде и во кој дел би можело да се интервенира, преку додавање на нови теми поврзани со оваа област.

Во меѓувреме пак, медиумската писменост воопшто не е спомената како термин во Стратегијата за образование за 2018-2025 година.

Мартин Колоски