Матуранти од Велес имаа час во училница под отворено небо

На иницијатива на професорката Марија Јанушева, дел од матурантите од Економското училиште „Јовче Тесличков“ од Велес се вратија на час во училница под отворено небо. Како што појаснува професорката, на овој начин го промовирале училиштето пред летните уписи, но исто така им дале можност на матурантите да имаат заеднички час, бидејќи поради пандемијата наставата цела година се одржуваше онлајн.

Среќата вели професорката Јанушева, беше голема.

„Матурантите во оваа ситуација се случаен избор. Оваа учебна година предавам Граѓанско образование во четврта година (матуранти), а предметот изискува дебата, конфронтација, критичко размислување. На иницијативата да дојдат и да помогнат во промоцијата на нашето училиште, испочитуваа, и најважното, беа среќни. Протоколите беа максимално запазени и бевме – социјално одговорни. Учениците констатираа дека многу им недостасува реалност – нормала, како и на сите нас“, вели професорката.

Јанушева е дипломиран социолог, а покрај социологија го предава и предметот Граѓанско образование.  Во средното училиште работи скоро девет години и смета дека економската струка ќе биде многу важна во периодот на економско закрепнување по пандемијата.

„Ние сме средно стручно економско училиште кое оваа година одбележува 60 години од своето постоење. Токму на 60  годишнината се најдовме во многу неповолна , па ајде да неречам деградирачка позиција. Кога се промовираат и фаворизираат други образовни профили, сакаме да ги охрабриме и информираме деветто деветто одделенците дека и економското училиште постои и профилира струки кои допрва ќе го доживеат своето заслужено вреднување“, додава таа.

Од март минатата година, кога беа забележани првите случаи на новиот коронавирус во земјава, средните училишта наставата ја префрлија речиси исклучво онлајн, со можност за физички средби само за практична настава. Најголем дел од оваа генерација матуранти, повеќе од една година немаа можност да влезат во училница, и да имаат заеднички час надвор од виртуелниот простор.

Ј.Ј.