Мастер клас со Мохсен Макхмалбаф во рамки на Скопскиот филмски фестивал

Во рамки на Скопскиот филмски фестивал, денеска со почеток во 13 часот ќе се одржи мастер клас на Мохсен Макмалбаф, кој се смета за главна фигура на иранската кинематографија и е специјален гостин на фестивалот оваа година.

Тој на предавањето ќе се фокусира на неговата филмска школа и на работата која придонесе тој , неговото семејство и многу млади ирански филмски автори да направат неверојатен пробив во филмот во светот.

Оваа филмска куќа работи веќе речиси 20 години и нејзина цел беше да се зголеми бројот на продуцирани филмови и да им даде шанса на младите режисери. Приказната за филмската школа ќе може да се види и во филмот „Татковата школа“ кој ќе биде прикажан во рамките на мастеркласата и кој ќе биде повод за дискусијата, што ќе следи потоа .

Макмалбаф со своите 20 филма успеа да освои 50 награди на најзначајните филмски фестивали во светот, а неговиот филм „Кандахар“ влезе на листата меѓу сто најдобри филмови на сите времиња. Тој му припаѓа на Новиот бран на филмот во Иран, а на мастеркласата ќе зборува за она што тој постојано го истражува во своите филмови, односот меѓу индивидуалецот и социјалното и политичко окружение.

Борејќи се за демократија, на 17-годишна возраст бил осуден на робија и поминал речиси пет години во затвор. Откако бил ослободен, тој ја продолжил борбата за демократија и еднаквост преку своите активности во литературата и филмот. Има напишано 30 книжевни дела и режирал 30 играни, кратки и документарни филмови во 10 различни земји.

Добитник е на повеќе од 50 реномирани меѓународни награди, како и на два почесни докторати за филм и литература. Со филмот „Авганистанска азбука“ успеал да го промени законот во Иран, што овозможило да се отворат вратите на училиштата и универзитетите за школување на повеќе од половина милион авганистански деца, бегалци во неговата татковина.

Макхмалбаф, добитник на престижната награда за мир „Манхе“, исто така основал сопствена невладина организација во Иран, со која реализирал 82 различни проекти за заштита на човековите права, за помош на жените и децата од Авганистан.