Масовни демонстрации во Полска против криминализирање на абортусот

Иницијативи на жени и активисти за човекови права вчера организираа протест во Полска против новиот предлог за измени на законот кој би ги криминализирал скоро сите абортуси.

Илјадници луѓе се собраа пред националниот Парламент во Варшава револтирани од предложените мерки кои би ги направиле нелегални прекините на бременоста, освен во случаи кога тие се неопходни да се спаси животот на жената. Демонстрации истовремено имало и во повеќе други полски градови, а граѓани протестирале и пред полската амбасада во Лондон.

Полска, најпосветената католичка земја во Европа, веќе ги има едни од најстрогите законски одредби против абортус, пишува Гардијан.

Законодавците треба за овие измени да почнат да дебатираат во среда, откако овие построги измени беа предложени од десничарска тинк-тенк организација, подржана од католичката црква и владејачката Партија на право и правда. Петицијата во поддршка на оваа идеја собрала повеќе од 100 илјади потписи.

Доколку овие законски измени се изгласаат, ќе се воведат затворски казни до пет години за „предизвикување смрт на зачнато дете“. Ќе се однесува и на жените кои бараат абортус и на докторите и здравствените професионалци кои ги извршиле.

Протестниот собир под паролата „Спасете ги жените, не чекор понатаму“, сметаат дека измените би ги довеле во ризик животите на жените, а млади девојки, од 11 годиншна возраст, жртви на силување или инцест, се принудуваат на избор – или да се породат или да одат во затвор.

Кристина Качпура, директорка на Федерацијата на жени и семејно планирање, вели дека на многу полски жени веќе им се одбива пристапот до легални абортуси и покрај законот од 1993 година, кој дозволува абортуси во случаи на силување или инцест, во случаи кога фетусот е многу оштетен или заболен или кога животот на мајката е доведен во ризик.

„Постојниот закон е еден од најрестриктивните во Европа. Да се дојде до пристап за нивното право на абортус веќе е тежок пат за многу жени. На пример, во Подкарпатскиот регион во јужна Полска, сите болници и доктори потпишале писмени ставови дека одбиваат да ги извршуваат“, вели Качпурa.

Во Полска, според Министерството за здравство, секоја година се спроведуваат помалку од илјада легални абортуси. Но невладини групации проценуваат дека помеѓу 80 и 190 илјади жени од Полска ја прекинуваат својата бременост во тајни и илегални процедури, или надвор од земјата.

„Во пракса ние веќе немаме легални абортуси во Полска. Но барем на жените не им се заканува затвор и доколку постои вистинска закана по животот на бремената жена, докторот може ќе ја спаси“, додава Качпура.

Испитувањата на јавното мислење покажуваат различни ставови помеѓу Полјаците. Иако седум од десет граѓани гледаат на абортусот како неморалност, само мал процент поддржуваат целосна забрана, а повеќето го поддржуваат абортусот кога животот на жената е во опасност.

Битката за абортусот е една од неколкуте контроверзи кои се појавија во Полска по победата на конзервативната Партија на право и правда на парламентарните избори минатиот октомври.

Европската Унија покрена истрага дали партијата ги нарушила стандардите за „демократија, човекови права и владеење на правото“, меѓу кои и случаите на наводното владино мешање во работата на Уставниот суд и предложените поголеми овластувања за следење на комуникациите.