Маричиќ: Неопходен е Закон за воена и вонредна состојба

Министерот за правда Бојан Маричиќ за време на вчерашната конференција „Вонредна состојба: научени лекции и идни предизвици“, се осврна на потребата од носење на посебен Закон за воена и вонредна состојба и посочи дека глобалната пандемија претставува сериозна закана за демократските вредности и човековите права, информираат од Министерството за правда.

„Најзначајните прашања кои треба да се уредат во законот се начинот на прогласување на вонредната состојба, улогата на Собранието, времетраењето и правното дејство на уредбите, како и карактерот на уредбите, односно допрецизирање – што треба, а што не треба да биде предмет на владините уредби“, истакна Маричиќ.

Како што информираат од Министерството, таму веќе е формирана работна група од еминентни експерти и академската заедница, за кои велат дека во наредниот период ќе работат на подготовка на нацрт-закон за воена и вонредна состојба.

Министерот Маричиќ истакна и дека Министерството изработило и Анализа на искуствата на институциите за време на вонредната состојба и уредбите со законска сила.

Според него при регулирањето на ова прашање, треба да се земат предвид компаративната анализа на законодавството на земјите од регионот и другите држави членки на Европската унија, Анализата на Министерството за правда и искуствата од другите државни институции, академската заедница, како и граѓанскиот сектор.

Во земјава претходно во повеќе наврати изминатата година беше прогласувана вонредна состојба од страна на претседателот Стево Пендаровски поради состојбата со коронавирусот. За првпат пак во историјата на државата беше прогласена вонредна состојба на 18 март.