Малициозен софтвер пронајден во лаптопи доделени од англиските власти на ученици од социјални семејства

Дел од лаптопите доделени во Англија за поддршка на учениците од ранливи семејства кои следат настава од дома содржат малициозен софтвер, дознава Би-би-си Њуз.

Наставниците споделија детали на онлајн форум за сомнителни датотеки пронајдени на уреди испратени во училиште во Брадфорд.

Малициозниот софтвер, за кој, како што рекоа, се чини дека контактирал со руски сервери, се верува дека е пронајден на лаптопите дадени на неколку училишта.

Одделот за образование соопшти дека е свесен за проблемот и итно истражува. Тие веруваат дека проблемот не е распространет, туку дека станува збор за мал број уреди.

Според форумот, лаптопите со Виндоус содржеле Gamarue.I – „црв“ идентификуван од Мајкрософт во 2012 година.

Владата досега им испрати на училиштата над 800 000 лаптопи, во обид да дистрибуира повеќе од милион уреди на загрозени ученици кои можеби немаат пристап до наставата од дома.

Надлежните им препорачаа на училиштата да ги проверуваат своите мрежи „за дополнителна претпазливост“.

Консултантот за безбедност на информацијата Пол Мур за Би-би-си изјави дека „црвот“ Gamarue.I „претставува многу сериозна закана за кој било компјутер или мрежа“.

„Идеално, корисниците треба да се префрлат во безбеден режим и да извршат целосно скенирање со антивирусна програма“, рече тој.

„Како и да е, со овој вид малициозен софтвер, препорачливо е да побарате стручна помош за да се осигурате дека е правилно отстранет.“

Овој малициозен софтвер инсталира шпионски софтвер кој може да собира информации за навиките на прелистување, како и да собира лични информации, како што се банкарски детали.