Макрон: Даночни олеснувања за вработените и пензионерите и повисока минимална плата

По четири недели од почетокот на бурните протести во Франција на движењето „Жолти елеци“, претседателот Емануел Макрон реши „да ја спушти топката“ ветувајќи даночни олеснувања за вработените и пензионерите и повисока минимална плата.

Делумно призна дека сноси одредена одговорност за незадоволството велејќи дека „можеби ги повредил луѓето со неговите зборови“.

„Ние нема да ги продолжиме нашите животи на ист начин – како што направивме во минатото, во средината на слични кризи без навистина да разбереме или да смениме нешто. Ова е историски момент за нашата земја. Преку дијалог, почит и посветеност, ние ќе победиме“, рече тој.

„Сакаме Франција во која ќе може достојно да се живее од работата“, додаде.

Сепак, неговото неколкуминутно обраќање кон нацијата не беше доволно убедливо.

„Мислам дека се плаши и чувствува жештина и тоа е тоа. Тој го изгуби целиот кредибилитет и луѓето не му веруваат. Тој мора да замине. Замини“, вели еден од граѓаните кои секојдневно протестираат.

Во меѓувреме, на другата страна од светот, поради стравувањата дека би можело да им се случи истото како и на француските власти, во Египет е ограничена продажбата на „жолтите елеци“.

Безбедносните служби и трговците на мало велат дека на дистрибутерите на индустриска безбедносна опрема им се наредува да не продаваат жолти елеци на минливи купувачи, туку само на проверени компании и само со полициска дозвола за купување.