Македонските уметници донираат уметнички дела за Атина

25 уметници се пријавија на повикот на македонскиот дизајнер Зоран Кардула за собирање колекција уметнички дела како поддршка и солидарност кон Атина. Меѓу делата има графики, масла на платна, скулптури, цртежи, фотографии.

„Се надевам дека ќе собереме одлична колекција со која ќе ја покажеме нашата солидарност со грчкиот народ кој во овој момент се соочува со огромна трагедија. Да не заборавиме дека грчките уметници истото го сторија и за Скопје после катастрофалниот земјотрес `63 година“, вели Кардула.

Сите заинтересирани уметници може да се обратат во порака на ФБ профилот на Зоран Кардула, повикот ќе биде отворен до крајот на оваа недела. Донацијата, појаснува Кардула, ќе биде од Скопје за градот Атина, а не е исклучена можноста за изложба пред делата да заминат за Грција.

Околината на Атина пред неколку дена беше погодена од досега невидени пожари, во кои животот го загубија над 80 лица.