Македонските угостители иницираат воведување нова криптовалута за плаќање услуги и алтернативно финансирање

Независната угостителска комора (НУК), заедно со колеги од Балканот, иницира издавање на глобално крипто-средство како нова можност за прибирање финансиски средства и промоција на македонскиот и регионалниот туристичко-угостителски сектор.

Тие ваквата иницијатива веќе ја испратиле до премиерот Зоран Заев, Народната банка, министерствата за финансии и економија, Управата за јавни приходи и Централниот регистар во кои бараат информации околу можностите за законска трговија и издавање криптовалути согласно домашната законска регулатива.

Од НУК велат дека се сведоци дека владите во балканскиот регион во текот на пандемијата веќе немаат намера да издвојуваат финансиски средства за надоместување на штетите и загубите на угостителите поради мерките и ограничувањата во работењето. Истовремено, додаваат тие, банките и фондовите исто така имаат помал интерес во поддршка на оваа индустрија.

„Следејќи ги светските и глобални трендови кои земаат се поголема популарност и во регионот за тргување и инвестирање во крипто-средства Независната угостителска комора започна иницијатива за креирање на иницијална понуда за издавање на глобален алтернативен крипто-коин – крипто-средства (анг. ICO1) базирано на паметен договор темелен на независна блокчејн платформа наменети за користење исклучиво во угостителската индустрија со што се обезбедува алтернативен извор и начин на прибирање на средства за инвестирање и финансирање на македонски и регионални угостители и угостителски објекти. Приходите остварени од инвестициите во крипто средството, авансно ќе се исплатуваат и инвестираат во угостителите кои ќе имаат за обврска добиените средства да ги враќаат и исплаќаат со реализација и испорака на сопствени угостителски услуги“, посочуваат од НУК.

Од Комората додаваат дека целата иницијатива може да се реализира преку постојната и усогласена со новонајавената регулатива за работа со крипто-виртуелни средства преку нацрт законот за спречување перење пари и финансирање тероризам кој е во собраниска процедура.

„Во услови кога странските и домашните туристички оператори се помалку се осмелуваат авансно да закупуваат ресурси – хотелски комплекси и останати угостителски услуги поради неизвесноста од состојбата со пандемијата, авионските компании ги редуцираат своите летово, туристите поради се поголемите глобални ограничувања на своите движења се ограничени во своите меѓународни туристички патувања, бизнисмените се приморани своите активности да бараат начини да ги реализираат преку разни видео онлајн платформи ја остава целата локална и регионална балканска угостителска индустрија на милост и немилост од времето и секој угостител да се снаоѓа сам како може и умее“, додаваат од НУК.

Тие посочуваат дека на овој начин ќе се промовира македонска и балканска крипто-дестинација која ќе сакаат да ја посетат луѓе од целиот свет кои планираат да инвестираат во своите годишни патувања и одмори. Од бизнисмени кои континуирано патуваат, туристички агенции кои имаат потреба да закупат и резервираат угостителски капацитети, па се` до номади и разни инвестициски фондови кои би можеле да инвестираат во овие крипто-средства со кои би се стекнале со право да ги користат услугите на угостителите било кога сакаат, или да тргуваат со крипто-средствата по актуелни цени во било кој момент од наредниот период.

„За реализација и евиденција каде можат да ги користат или тргуваат со крипто-средства со кои располагаат, сопствениците и инвеститорите целосен увид во понудата на угостителските услуги кои ќе можат да ги користат од листата на членки – угостителски објекти ќе имаат преку специјализираната платформа за резервации и реализации за која веќе е во развој. Вредноста на услугите кои ќе можат да се користат преку платформата ќе бидат изразени единствено во крипто-средство. Преку платформата ќе се вршат и сите порамнување за користените услуги и трансакции направени во и кај угостителските објекти“, објаснуваат од НУК.