Македонските граѓани во октомври 34% повеќе ги посетувале парковите споредено со периодот пред пандемијата

Граѓаните во земјава за 34% повеќе ги посетувале парковите, односно, националните паркови, јавните плажи, пристаништата, парковите за кучиња, плоштадите и јавните градини, споредено со периодот пред карантинот поради пандемијата со Ковид-19, односно, петнеделниот период од 3 јануари до 6 февруари годинава.

Ова го покажуваат податоците од извештајот на технолошкиот гигант „Гугл“ кој почна месечно да објавува податоци за трендовите на мобилност на граѓаните во земјите ширум светот. Податоците се споредуваат со референтната вредност, односно, средната вредност за соодветниот ден од седницата во текот на петнеделниот период.

фото: Принтскрин од извештајот за трендовите на мобилност на Гугл

Податоците покажуваат дека рестораните, кафулињата, трговските центри, тематските паркови, музеите, библиотеките и кината, кои спаѓаат во категоријата „Малопродажба и рекреација“, граѓаните во октомври ги посетувале за 29% помалку споредено со петнеделниот период на почетокот на годината.

Местата на работење во октомври биле посетени за 55% помалку, споредено со референтната вредност пред почетокот на карантинот, а меѓудругото ова може да се должи и на тоа што некои од работниците почнаа да работат од дома. Дополнително, местата на живеење се посетувани за 11% повеќе.

Автобуските и железничките станици се посетени за 40% помалку во октомври.

Од податоците, се забележува намалување и на посетата на самопослугите, складиштата за храна, зелените пазари, продавниците за специјализирана храна и аптеките за 12%, во однос на периодот измеѓу јануари и февруари.

Податоците кои се однесуваат заклучно со 23 октомври, „Гугл“ ги пресметува со користење на збирни и анонимизирани податоци кои се користат за прикажување на поголема фрекфентност на одредени места преку „Гугл Мапс“.

„Овие извештаи се создадени за да бидат корисни, но и да се придржуваат до нашите строги протоколи за приватност и да ја заштитат приватноста на луѓето. Во ниеден момент не се достапни податоци што го откриваат идентитетот на одреденo лице, како што се неговата локација, контакти или движење. Сознанијата во овие извештаи се создадени од збирни и анонимизирани збирки на податоци од корисниците кои ја вклучиле поставката Историја на локации, којашто е стандардно исклучена“, се објаснува во извештајот на „Гугл“.