Македонскиот проект „Оваа зграда зборува (на)вистина“ добитник на наградата Златна Трига

Уметничкиот проект „Оваа зграда зборува (на)вистина“ е добитник на наградата Златна Трига на овогодинешното Прашко квадриенале. Проектот на авторот Филип Јовановски зборува за Железничката зграда во Скопје и идејата зад заедничкото, солидарно живеење презентирано во станбениот блок.

Наградата Златна Трига им беше доделена на тимот од Република Северна Македонија за најдобра егзибиција и сценографија на овогодинешното квадриенале од повеќечленото жири составено од уметници од целиот свет. Наградата е добиена во конкуренција со 79 земји од светот.

„Изложбата е повеќеслојна заедничка работа која ги обединува многуте сценографии: простор, сцена, експозиција, меморија, заедница и комуникација“, стои во одлуката на жирито.

„Таа покажува како перформансите активираат изложбен простор, како дизајн поттикнува наратив и сценографија станува активизам во и надвор од политичкиот контекст“.

Проектот е перформативно искуство што постои во Железничката зграда и е поттикнато од организацијата „Факултет за работи што не се учат“ (ФРШУ). Составено е од три дела: инсталација со перформативен дел што е дел од „Изложбата на земји и региони“, кратко видео насловено „Кино Култура и двојазична публикација. Дизајнот, структурата на проектот се изградени тргнувајќи од идејата за солидарноста, заедништвото и одговрноста кои се презентирани преку самата зграда како еден заеднички станбен блок.

[Аудио] УраЗаКултура: Ако оживеат напуштените заборавени простори, ќе оживее и заедницата

Прашкото квадриенале за дизајн на перформанси и простор годинава се одржува од 6 до 16 јуни во Прашките простори за изложба каде се собрани најдобрите дизајни, перформанси, сценографии и театарски архитектури од целиот свет. Неговата цел е ги награди и охрабри артистите и архитектите ширум светот и да ја прослави и поттикне нивната работата.

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.