Македонски анимирани филмови во „Котур“

Во „Котур“ на 25 јануари (петок) од 21 часот ќе се одржи вечер на анимирани филмови од македонските режисери Крсте Господиновски, Владимир Лукаш и Жарко Иванов. Режисерите ќе бидат присустни на проекциите, па се отвора можност за прашања и дискусија.

Првиот анимиран филм е на Господиновски –  „Готлиб“, чиј истоимен лик е изгубен и заглавен во сопствената потсвест и грчевито се бори да го пронајде патот назад во реалноста. Во оваа потрага, тој постојано го препрашува постоењето на неговиот измислен свет, дури дотаму што се обидува да го деконструира, па макар што тоа значи и ризик по сопствениот живот.

Филмот на Лукаш се вика „The Falling Girl“ (Девојката што паѓа). Се работи за девојка која стои на врв од зграда, гледа надолу кон градот и во еден момент скока. Паѓа со затворени очи и одеднаш се наоѓа во ливада опкружена од бизарни ликови.

„The Monk“ (Кружно патување на монахот) на Иванов е приказна за осамен млад монах кој слика икони од светци на ѕидовите на еден мал манастир, затскриен зад карпестите планини покраj езеро далеку од цивилизација. Еден тивок сончев ден, додека лови риби во својот мал чамец на среде езеро, одеднаш слуша женски глас.