Македонска помош за Албанија: Владата одвои 100 000 евра, МКЦ собира донации, испратени спасувачки тимови

Бројни повици за собирање донации и помош за настраданите во силниот земјотрес кој ноќеска ја стресе Албанија, дојдоа од македонските граѓани.

Владата донесе одлука за да се издвојат 6 милиони денари како првична финансиска поддршка за санирање на последиците од земјотресот во Република Албанија. Информираат дека веќе се упатени тимови за спасување составени од 30 стручни лица кои ќе учествуваат во акциите за спасување и прва помош за граѓаните во настраданите подрачја, а вклучен е и посебен тим со механизација која ќе се ангажира во координираните акции за спасување.

Црвениот крст на информираше дека од сопствени резерви ќе додели првична финансиска помош од 10 000 евра наменета за жртвите од земјотресот, како и материјална хуманитарна помош во вкупна вредност од 20.000 евра. Хуманитарна материјална помош се состои во вреќи за спиење, ќебиња, монтажни кревети, пакети со храна и хигиенски пакети.

Воедно објавени се и телефонските броеви за донации „ 070/075/077 143 400 ” како и бројот на жиро сметката на фондот за солидарност „ 300000001327966 “каде што заинтересираните граѓани може да уплатат парични средства.

Во знак на солидарност, во Младинскиот културен центар во Скопје ќе бидат поставени кутии за донации во следните 15 дена. Оттаму потсетуваат дека оваа институција е изградена по скопскиот земјотрес, со финансиска помош на државата Алжир.

„ Поради неможноста да организираме посебен хуманитарен настан (како во 2011-та по земјотресот и цунамито во Јапонија), заради немањето слободен термин во просториите на МКЦ до јануари, одлучивме за време на престојните настани во МКЦ, да поставиме кутии за донации, во кои вие ќе можете да оставите средства за помош на настраданото население во Албанија“, велат од МКЦ.

Од Град Скопје информираа дека се испратени две екипи, од четворица пожарникари и две лица што ќе вршат снимање на самото место со термален дрон и термални камери, за откривање евентуални преживеани во урнатините. Дополнително е испратено  беспилотно летало кое треба да врши 3Д мапирање на теренот со цел настанатите штети од оштетувањата на објектите да може да бидат како мапа достапни на спасувачките служби коишто се на самото место. 

Голем број граѓани се организираат и на социјалните мрежи за собирање помош за настараданите во земјотресот кој ноќеска разбуди и голем број од македонските граѓани.

Според последните информации, има 9 жртви во земјотресот во Албанија и над 600 повредени. Спасувачките акции за евентуално извлекување преживеани под урнатините се во тек.