Македонска наставничка прогласена за една од 50 најдобри едукатори во светот

Од илјадници апликации на пријавени иновативни наставници од повеќе од 150 земји во светот, на светскиот натпревар организиран од Varkey Gems Fondation наставничката од Македонија, Весела Богдановиќ е прогласена за една од 50 те најдобри наставници во светот, соопштија од Фондацијата „Чекор по чекор“.

Изборот е направен од стручната Академија на VGF составена од владини експерти, научници, психолози, педагози, инженери, новинари од повеќе земји во светот. Почесен претседавач на оваа фондација, чија мисија е подобрување на квалитетот на образванието на глобално ниво е Бил Клинтон, а нејзини претставници се значајни имиња од областа на образованието и бизнисот.

[Интервју] Весела Богдановиќ: Македонија има креативни и иновативни наставници

Според фондацијата, иако Богдановиќ 12 години работи во малото селско училиште „Кочо Рацин“, во селото Ивањевци, општина Могила, нејзините ученици секојдневно истражуваат, учат низ игра и учат со помош на информатичката технологија, како да се наоѓаат во некое одлично училиште во високо развиените земји.

„Преку пренамена на отпаден материјал, со лични скромни средства и огромна креативност, заедно со своите ученици секојдневно изработува дидактички материјали по сите наставни предмети и со тоа обезбедува максимално стимулативна средина за учење, средина која наликува на свет од бајките. Не и пречи ни тоа што веке 12 години секојдневно, во лоши услови за патување и со сопствено финансирање, патува од Битола до далечното селото Ивањевци, затоа што знае дека таму со нетрпение ја чекаат нејзините ученици, секогаш насмеани и спремни за нови, интересни, истажувачки авантури“, велат од оваа фондација.

Минатата година Богдановиќ беше прогласена за наставник експерт- едукатор и ја претставуваше Македонија на Светскиот Форум на иновативни наставници во Барселона, Шпанија, во организација на Microsoft. На своите YouTube и Vimeo канали, има објавено преку 200 едукативни филмови од својата наставна пракса, од кои можат да учат наставници, колеги, студенти на педагошки факултети, родители со своите дечиња во домовите.