Македонска Каменица за прв пат доби табли со имиња на улици

Сини табли со натписи „Гоце Делчев“, „Руенска“, „Рударска“, „Илинденска“ и „Карадачка“ почнаа да се појавуваат во централното подрачје на Македонска Каменица.

Ова е прв пат овој град да добие табли со имиња на улици и куќни броеви, а општината се пофали дека 80-те табли се обезбедени со средства од буџетот на Македонска Каменица. Таблите се поставуваат во соработка со Јавното претпријатие „Камена Река“.

„Дел од оваа набавка се и таблички со куќни броеви за сите индивидуални и колективни објекти за домување, кои ќе бидат поставени во наредниот период. Оваа активност е во насока подобрување на урбаниот лик на централното градско подрачје, а се разбира и за полесно доставување поштенски пратки, ориентација на лицата кои доаѓаат во Македонска Каменица, односно полесен пристап. Таблите со имињата на улиците ќе се поставуваат на почетокот и на крајот од улицата“, рече Васко Десподовски, портпарол на Македонска Каменица.