Македонија има 280 сончеви денови, но искористува едвај 1 процент од сончевата енергија

Пред шест години, штипјанецот Никола Бујуклиев заедно со група соработници решиле да направат смел чекор и да создадат бизнис кој ќе биде исплатлив, но при тоа нема да наштети на животната средина. За тоа им биле потребни помалку од 4000 евра.

Денес, нивните еко-сушари за зеленчук и овошје се покажале како успешна инвестиција. Но, за да стигнат до овде, Бујуклиев и неговите партнери долго време ги истражувале можностите и потребите на домашниот и странскиот пазар за сушење на зеленчук и овошје. Тие биле меѓу првите кои изработиле домашни сушари кои целосно работат на сончева енергија.

Никола Бујуклиев ја претставува еко-сушарата

„Дојдовме до заклучок дека постојат извонредни климатски услови за земјоделско производство, и бидејќи постојат голем број на сончеви денови, тоа овозможува исплатливост на овие системи на сончева енергија“, вели Бујуклиев за Радио МОФ.

Еко-сушарите функционираат на тој начин што користат нова технологија заснована на основите на физиката. Поточно, во внатрешниот дел од сушарата се ставаат свежите зеленчук и овошје и се затвораат, а од надворешната страна има колектор што ја апсорбира сончевата енергија и создава дехидратација на плодовите.

Сушењето на зеленчукот и овошјето овозможува производите да не ја изгубат нивната хранлива вредност и квалитет во рок од една година.

Според Бујуклиев, постои сè поглема заинтересираност кај производителите за вакви сушари, но нагласува дека е потребна едукација за што поголем број луѓе да ги согледаат предностите на обновливите извори на енергија.

Како изгледа една еко-сушара за зеленчук и овошје

Нивната фирма веќе има создадено неколку вакви сушари кои ги дистрибуирале на повеќе локации. Бујуклиев нема намера да се откаже од овој бизнис, бидејќи верува оти за малите еко-бизниси има иднина.

„Обновливите извори имаат многу голем потенцијал кој сè уште не е искористен и на кој треба да се обрати внимание“, смета тој.

Горливиот пат на Македонија кон обновливите извори на енергија

Македонија има на располагање доволно обновливи ресурси за да може целосно да ги задоволи потребите за електрична енергија без користење фосилни горива. Остварувањето на оваа задача е можно, но не е ниту лесно, ниту едноставно, ниту евтино. Но, колку побргу ќе стаса оваа порака до свеста на луѓето кои се одговорни за донесување одлуки, толку побргу општеството ќе зачекори кон почиста и енергетски побезбедна иднина.

Ова е заклучокот на професорот Константин Димитров и асистентот Огнен Димитров од Машинскиот факултет, автори на студијата „Декарбонизација на производството на електрична енергија – Може ли до 2050 година во Република Македонија целосно да се замени производството на електрична енергија од фосилни горива со обновливи извори?“

Но, при нивните пресметки не ја зеле предвид одлуката на власта да увезува висококалоричен јаглен кој ќе согорува во „модернизираниот“ ТЕ Осломеј. Покрај кусата студија за нејзината модернизација, објавена од Електрани на Македонија – ЕЛЕМ, се уште нема податоци за тоа од каде точно ќе доаѓа јагленот и на кој начин ќе се транспортира. Сепак, за модернизацијата се предвидени капитални инвестиции во износ од 126 милиони евра од којшто износ најголем дел е предвиден за изградба на новиот котел за согорување на висококалоричен јаглен.

„Што ќе значи за Македонија ако веќе не се користи јагленот за производство на електрична енергија? Тоа ќе значи дека на годишно ниво нема да се согоруваат просечно 7 милиони тони јаглен“, споменуваат тие во студијата.

Основните потреби за електрична енергија Македонија досега ги задоволуваше од сопственото производство во термоцентрали (претежно јаглен) со делумно учество и на когенеративни постројки (со тенденција за намалување на производството поради неповолниот однос на цените на природниот гас и електричната енергија), хидроцентрали (големи и мали), чие производство зависи од хидролошките услови и увоз на електрична енергија, која е во континуиран пораст.

Споредба меѓу вкупните трошоци за инвестирање во една термоцентрала на јаглен, заедно со рудникот и на една постројка со фотонапонски сончеви колектори, со еднакво производство на електрична енергија на годишно ниво; Извор: „Декарбонизација на производството на електрична енергија – Може ли до 2050 година во Република Македонија целосно да се замени производството на електрична енергија од фосилни горива со обновливи извори?“

Двете страни од користењето на обновливите извори на енергија

Ако Македонија успее да обезбеди производство на електрична енергија од обновливи извори, се ослободува од увоз на енергенти за нејзино производство, како и од увоз на електрична енергија, која е предвидено да се увезува и со стратегиските документи од секторот на енергетиката.

„Со ослободување од увоз на значителна количина на енергенти и електрична енергија, суверенитетот на Македонија е на повисоко ниво, нема можност да се врши политички притисок како зависност од потребата за увоз на енергија (во сите нејзини форми). А, на крај, не како помалку важно туку со цел дополнително да се потенцира потребата нашето општество сериозно да се зафати со оваа задача е намалувањето на локалното загадување. Еден аспект е глобалното загадување, ефектот на „стаклена градина” и влијанието врз климатските промени со емисијата на јаглерод двооксид“, забележуваат експертите во студијата.

Рестартираниот „Осломеј“ повеќе ќе загадува отколку што ќе создава енергија

Сепак, овој пристап повлекува и технички пречки. Основната пречка за вклучување на обновливи извори на енергија во електроенергетскиот систем е стохастичката природа на тоа производство. Тоа значи дека не може однапред да се планира производството и секогаш мора да постои можност да се вклучат производители на електрична енергија кои не зависат од временските услови.

„Производството на малите хидроцентрали зависи од хидролошките услови во годината и е од сезонски карактер – поголемо производство во пролет, а најмало во доцно лето и во зимскиот период. Производството од сончевите колектори уште повеќе е врзано со надворешните услови, и тоа на ниво на 24 часа – ден и ноќ, на ниво на сезона лето или зима, како и од локалните климатски услови, т.е. дали има облаци, магла или денот е сончев. Енергијата на ветерот не е врзана премногу на ниво на деноноќие, но, сепак, има определени сезонски карактеристики, кога може, на макрониво, да се очекува поголемо или помало производство. Но, секогаш е поврзано со глобалните климатски услови, дополнети со локалните карактеристики, кои воопшто не можат да се предвидат“, образложуваат двајцата експерти.

Нивен предлог е да се отворат хидроакумулационите електрани кои ќе служат за покривање на променливите оптоварувања на мрежата и за покривање на потребите во моментите кога нема ниту сонце ниту ветер.

„Освен проблемот со обезбедување на потребната електрична енергија, кога нема сонце, ветер, доволно проток на вода, евидентен е и проблемот со складирање на произведената енергија, која во определен момент не е потрошена. Овој случај е можен во летен период, при големо производство на енергија од сончевите електрани, но мала потрошувачка на електрична енергија, како, на пример: индустриските погони се во ремонт или се користи годишен одмор“, се вели во студијата.

Решение има, треба политичка волја

Поради својата географска положба, државата има добри услови за користење на сончевата енергија, поточно 280 сончеви денови. Но, како и за сѐ друго, така и во овој случај, најмногу недостасува политичка волја.

Според Константин Димитров и Огнен Димитров потребно е здружување на интелектуалниот потенцијал, функционална институционална поврзаност, насочено заедничко дејство на академски институции, научноистражувачи
институции, производствени организации и секако, финансиски средства.

Токму пред два дена, на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје започнаа со работа две фотоволтаични централи со вкупна моќност од 22 КW. Едната од нив е набавена со пари од ИПА проект на Министерството за финансии.

Станува збор за 2 милиони евра грант средства преку ИПА компонентата на Европската Унија, кои ќе бидат наменети за набавка на фотоволтаични системи за градинки, училишта, општински згради и други јавни објекти во општините. Целта е тие самите да произведуваат струја преку фотонапонски системи, кои ќе им бидат доделени преку Проектот за подобрување на општински услуги на Министерството за финансии.

Антонио Јовановски, „Гоу грин“

Според Антонио Јовановски од еколошкото здружение „Гоу грин“, Македонија треба да се сврти кон сонцето како обновлив извор на енергија, бидејќи досега најмногу се искористувала водата.

„Во Македонија постојат соларни централи, но сѐ уште, за жал, нивното учество во вкупното производство на енергија е 1 отсто“, вели тој.

„Само хидроцентралите се доминантен извор, но тие секогаш биле под знак прашање дали се обновлив извор, поради штетата и трансформацијата која ја прават на флората и фауната, и локалното население“, оценува Јовановски.

Почист воздух, помало загадување, енергетска независност, и со децентрализација на енергетскиот пазар, приход од производство на електрична енергија, се придобивките кои би ги добиле граѓаните од обновливата енергија, но тоа може да се постигне само со добро испланирана транзиција.

„План за постепено затворање на рудниците за јаглен и преквалификација на работниците за работа на соларни и ветерни централи. Правична транзиција е клучен елемент, со што треба да се осигура вработените во т.н валкана енергија да не ги изгубат своите работни места и да се преквалификуваат во т.н. чиста енергија, односно зелените работни места. За тоа е потребно мерки од Министерството за труд и социјална политика заедно со Министерството за економија и животна средина. Од образовен аспект е потребно зајакнување на стручното образование, особено средните школи“, предлага Јовановски.

„Дека општествата ќе преминат кон декарбонизиран свет е реалност. Само зависи дали ние ќе фатиме побрз чекор кон оваа промена на општествената свест или ќе останеме на опашката на случувањата. Тоа е наш сопствен избор! Избор во име на следната генерација“, заклучуваат Константин Димитров и Огнен Димитров во нивната студија.

Емилија Петреска