Македонија е 17-та најтоксична земја во светот

Според ново истражување на „Eco Experts“ Македонија се наоѓа на 17-тото место на листата најтоксични земји во светот, пренесе Wired.

Групацијата која прави истраувања на обновливи извори на енергија, за изработка на мапата користела податоци од Меѓународната агенција за енергетика и Светската здравствена организација. Секоја од државите била рангирана според пет фактори: Потрошувачка на енергија, емисии на јаглерод диоксид од согорување фосилни горива, аерозагадување, смртни случаи од аерозагадувањето и производство на обновлива енергија.

Според овие податоци, во Европа, потоксични од Македонија се единствено Луксембург, Бугарија и Босна и Херцеговина.

На врвот оваа листа се сите држави од Арапскиот полуостров. Најзагадена е Саудиска Арабија, по која следуваат Кувајт, Катар, Бахреин и Обединетите Арапски Емирати.

Најмалку загадените земји, пак се наоѓаат во Африка. Кенија ја предводи оваа листа, па следуваат Танзанија, Етиопија, Мозамбик и Камерун.