„Македонците сакаат да читаат, ама не и да купуваат стрипови“ – Промовирани нови стрип изданија

Во издание на Стрип-центарот на Македонија, со седиште во Велес, се отпечатени книги во тврд повез наменети за македонскиот пазар, но и пазарот на соседни држави.

Издадени се „Итар Пејо 2 книга“ од Диме Иванов Димано, „Цар Гаврило Радомир“ од Миле Топуз, детскиот стрип „Убавите нешта“ од Раде Дичоски, како и „Зад црното сонце“ на српскиот автор Срѓан Николиќ-Пека. Тоа се изданија на Стрип-центарот на Македонија со седиште во Велес и се дел од нивната годинашна продукција.

„За жал, стрип-културата во Македонија има се уште малку публика. Факт е дека Македонците сакаат да читаат стрип, ама не сакаат да го купуваат. Инаку, Министерството за култура од пред неколку години започна повеке да издвојува за издавање на мноштво изданија од сферата на 9-тата уметност. Тоа не може да се каже за приватниот сектор којшто се уште не го помага стрипот во Македонија“, објаснува Ване Трајков, извршен директор на Стрип центарот на Македонија.

Во стрипот за царот Гаврило Радомир сместени се и стриповите за Ѓорги Војтех, Добромир Хрс и Стрез, господарот на Просек. Годинава дизајнот е на штипјанецот Александар Стеванов.

„Нам не ни е воопшто тешко да издадеме стрип дела уште во почеток на оваа година, веднаш после објавувањето на годишната програма на Министерството за култура. Издадовме стрип-книги со вклучено и нови, потенцијални кои сакаме да ги привлечеме. Издадовме историска приказна, детска приказна, трилер и стрип со тема од македонската традиција. Лани издадовме стрип-книга на албански, прв пат во Македонија. Годинава продолжуваме со издавање на стрип книга на српски, во случајов на Срѓан Николиќ Пека, голем пријател на македонската стрип сцена и победник на последниот интернационален стрип натпревар во склоп на интернационалниот стрип салон во Велес“, додава Трајков.

Овие четири стрип-книги можат да се набават кај издавачот и во стрип-книжарницата „Бункер“ во Скопје.