„Македокс“: Заврши патувачкото кино низ Скопскиот регион

11 по ред „Патувачко кино“ на Македокс, оваа година се одвиваше во Скопскиот регион, а како што велат од фестивалот, магаренцето ги посети Драчево, Радишани (ОУ „Ацо Шопов“), Волково (СРЦ „Бранители“), Горна Матка и Булачани (ОУ „Наум Охридски“). Притоа, во периодот од 8 до 12 септември на овие места беа прикажани документарни и анимирани филмови.

“Екипата на Македокс беше пријатно изненадена од интересот, љубопитноста и гостопримливоста на граѓаните, но и нивното учество во дополнителните активности на Патувачкото кино, што придонесе за успешна мисија исполнета со магија под ѕвезденото небо. Програмата за млади содржеше анимирани филмови, додека за повозрасната публика беа прикажани долгометражни документарни филмови од програмата на фестивалот „Македокс“. На проекцијата во Горна Матка беше прикажан победничкиот филм „Еверест – потешкиот пат“ на Фестивалот на планински филм „Ехо“, велат од фестивалот.

Паралелно со проекциите во Радишани беше одржана сесија со новата генерација Докуникулци на „Македокс“, а беше изведена и еко-акција за чистење на игралиштето, каде се одржа проекцијата. Во Булачани се одржа работилница на која децата учеа како да жонглираат, а филмската проекција се одржа во услови со дожд.