„МакеДокс“: разговори Под смоква, работилници и премиера на „Планински кавијар“

Во рамките на програмата на осмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ од 21 до 25 август во Даут-пашиниот амам ќе се одвива работилницата за визуелна нарација, што е лајт-мотив на годинашното издание на фестивалот, која првите два дена ја води Кристина Первила Андерсон, а на 23, 24 и 25 август ќе се приклучи и Туе Стин Милер.

Родена во 1960 година, Кристина Первила Андерсон работи како независна продуцентка од Финска од 1988 година. Зад себе има околу 40 креативни долгометражни филмови за ТВ и кино, голем број меѓународни музички продукции и снимања на настапи во живо и на гостувања на странски оперски куќи во Финска и Шведска. Во април 1999 година ја формира „Милениум филм“. Оттогаш, работела и како аналитичарка, експертка, менторка и модераторка во „Еуродок“, Европската документарна мрежа (ЕДМ) и во програмите за обука на „Чиледок“.

Туе Стин Милер, најпознатиот светски експерт за документарци, никогаш нема фатено камера в рака. Но, доволно е што знае како документарците го менуваат светот. Цели 20 години работел како филмски уредник, дистрибутер и фестивалски менаџер во Данскиот филмски одбор. Десет години раководел со Европската документарна мрежа (ЕДМ), а бил и програмски директор на низа филмски фестивали. Како признат експерт за современите источно-европски документарни филмови, држи работилници и консултации за филмски режисери и предава на разни европски филмски школи, овие денови и на „МакеДокс“.

На првата сесија на работилницата, со примери од филмот „Со љубов“ на Илија Цветковски и Атанас Георгиев, Кристина Первила Андерсон даде неколку совети за филмските автори и фестивалски гости за продуцирањето на креативните документарни филмови.

„Во креативната документаристика границата на можностите зависи исклучиво од креативноста и талентот на авторот“, рече Кристина, и додаде „ако идејата е прецизна и приказната е чиста, тогаш авторот треба да настојува да создаде едноставен, но емотивен филм. Не секогаш треба да се претендира на комплексно дело со возвишена тематика (…) практично, репортажа е кога со помош на камерата се прикажуваат работите такви – какви што се. Креативен документарец се создава кога однапред ќе размислите како да ги прикажете работите какви што се, но со свој пристап, стил и поглед со внатрешното око кон нештата“, советува Кристина Первила Андерсон.

Претходната вечер (20 август) во Куршумли Ан, во рамките на „Македокс“, се одржа промоцијата на книгата „Социјалниот архетип во документарниот филм“ од Маријана Котевска-Георгиева, а во издание на „Арс Ламина публикации“.

Во книгата „Социјалниот архетип во документарниот филм“ се обработени девет документарни филмови, при што се согледани сферите во кои се поврзуваат социјалниот синдром како рефлексија на средината од една страна (што е присутен во речиси секој документарен наратив) и креативниот импулс кај документаристите како автори, од друга. Преку јазикот на книжевната теорија и филозофијата, интердисциплинарно се опфатени различните релации меѓу филмот и книжевноста – како креативни естетики, сместени во рамките на теоријата и филозофијата – како научни естетики.

Фокусот во книгата е ставен на неколку истражувачки полиња: улогата на социјалната средина и нејзиниот силен импулс што ги стимулира документаристите на запис; битноста на реалната информација или фактот пренесени преку документарниот филмски јазик; начинот на перципирање и реакција од страна на публиката; и улогата и креативниот јазик на авторот.

Заедно со авторката Маријана Котевска-Георгиева, на промоцијата за книгата зборуваа Илинденка Петрушева, филмски критичар и есеист, проф. д-р Владимир Блажевски, режисер и редовен професор на ФДУ Скопје и ФДУ Белград, д-р Кристина Николовска, историчар, истражувач на хуманистички науки, и Атанас Георгиев, монтажер и документарист (чиј филм „Со Љубов“ го отвори „МакеДокс“).

На 21 август во Куршумли-ан се одржа светската премиера на филмот „Град на светлината“ на словенечкиот автор Марко Кумер Мурч. Неговата документарна приказна се однесува на мало гратче во Словенија кое се наоѓа во близина на термоелектрана која го сменила природниот пејсаж. Ископот на јаглен се претворил во езеро кое полека го голта гратчето и се подлабоко навлегува во животот на неговите жители. Документарецот на Мурч има социјална, но и еколошка димензија.

„На почетокот се појави филозофската идеја дека градот може да се подели на три нивоа – темното ниво е езерото кое има свои тајни и околу кое живеат луѓе во загадена животна средина и кои постојано се борат за својот живот, во средниот и посветол дел се луѓето од градот кои имаат повисок животен статус, но има и луѓе кои живеат високо во планината и кои на целата ситуација гледаат со одредена дистанца. Таа поделба ја дава и политичката димензија на филмот“, објасни Мурч и на муабетите под смоквата и пред публиката во Куршумли-ан.

Своите нови филмови на „МакеДокс“ ги претставија и присутните гости Готфри Фајнберг, кој го донесе филмот „Висење“, и хрватската авторка Бојана Бурнач, која го претстави филмот „Мојот живот без воздух“ за хрватскиот шампион во слободно нуркање.

На 22 август, во 22.30 часот во Куршумли-ан, ќе се одржи втората премиера на македонски документарен филм. Станува збор за „Планински кавијар“ на авторот Јордан Дуков во продукција на ТВ Телма.

Осмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија, МЕДИА – потпрограма на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон и Град Скопје.