„МакеДокс“ преку „Ние сме визуелни“ внесува документарни филмови во образованието

Здружението за промоција на документаристика „МакеДокс“ започна со имплементација на нов проект „Ние сме визуелни – едукација и аудиовизуелизација на човековите права“. Проектот има за цел да го дополни и збогати развојот на човековите права и активното граѓанство преку употреба на визуелни содржини во процесот на формалното и неформалното образование за човекови права на младите на возраст од 12 до 18 години.

„Ни сме визуелни“ е финансиран од Европската Унија, а досега мина низ тригодишна развојна програма низ соработки со повеќе фестивали и одржување собири низ Скопје, Нирнберг, Амстердам… Се состоеше од различни форми на јакнење на капацитетите, вмрежување, размена на искуства и креирање на образовен пакет.

makedox paket

Она што го подготви „МакеДокс“ е двојазичен образовен пакет (македонски и албански јазик) составен од 12 креативни документарни филмови и прирачник за работа со нив. Вклучените теми се прилагодени на наставните содржини, првенствено по предметите Граѓанско образование и Етика, а погодни се за користење и во наставата по македонски јазик, англиски јазик, историја, општество, географија, како и во изборните предмети кои спаѓаат во општествените науки и дополнителната настава.

„’Ние сме визуелни’ е наш мал поттик во обидот за искористување на моќта на аудио-визуелниот медиум како помошно образовно средство во стекнувањето, канализирањето и пренесувањето на релевантни и ‘здрави’ информации, знаења, ставови и вредности кои ќе водат кон искуствено осознавање на комплексниот систем на човековите права“, велат од „МакеДокс“.

Проектот се реализира до јануари 2018 година заедно со Здружението „ДокуФест“ од Призрен. Во оваа фаза се предвидени 7 тридневни работилници на кои ќе бидат обучени 120 наставниви од основните училишта во земјата и 20 претставници од граѓанскиот сектор. Тие би ја применувале програмата во наставата по своите предмети или во своите програми при работата со млади. Исто така, предведено е и следење и евалуација на примената на програмата, како и одржување меѓународна конференција за употребата на аудиовизуелни содржини во образованието.

„Обуките за примена на програмата почнуваат од четврток, 29 септември, а ќе бидат одржани и во текот на октомври и ноември 2016 година. За таа цел, ги покануваме сите основни училишта и граѓански организации од Македонија да предложат по еден или најмногу двајца наставници или членови на организацијата кои би учествувале во обуките и би ја имплементирале програмата. Пријавувањето се врши со испраќање на пријавата достапна на сајтот на МакеДокс до contact@makedox.mk“, известија од „МакеДокс“ од Скопје.