Мајките попладнево ќе протестираат пред Влада, оттаму тврдат дека има место за децата во градинка

Неколку часа пред најавениот протест пред Влада на мајките кои користеа продолжено породилно отсуство поради пандемијата, од македонската Влада излегоа со став дека е обезбедена како што велат, целосна грижа и доволно места за децата во градинките, поради што единствен логичен чекор е родителите да се вратат на работа.

Тие велат дека Одлуката што ја донесоа на својата 4-та седница, на 14 септември,  2020 година, со која сите родители на деца од 0 до 6 години, кои досега беа ослободени од работниот процес треба да се вратат на работа од 23 септември, ја донесле по претходна анализа и консултација со Комисијата за заразни болести.

„Со отворањето на установите за згрижување и воспитување деца на 9 септември 2020 година и анализата која покажа дека градинките имаат капацитет да ги згрижат децата согласно Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитување на деца, кој на минимум го сведува ризикот од ширење на вирусот КОВИД-19, мерката родителите на децата од 0 до 6 години да бидат надвор од работниот процес ја губи смислата. Таа мерка изминатиов период беше на сила затоа што јавните установи за згрижување на деца, односно градинките не работеа.

Дополнително, во координација со Комисијата за заразни болести донесена е и Одлука за проширување на капацитетите на групите во градинките од 0 до 2 години, на по 12 деца во група, со што јавните установи за згрижување на деца имаат капацитет целосно да ги згрижат децата на мајките кои до сега користеа продолжено породилно отсуство“, велат од Влада.

Согласно Протоколот, приоритет за згрижување во градинките имаат децата на самохраните родители и децата на двајца вработени родители, со што се исклучува секаква можност децата да останат без соодветна грижа и нега.

Од Владата додаваат дека таму каде ќе има потреба од дополнителен простор и кадар за згрижување деца, им е препорачано на Општините како основачи на градинките, во согласност со Правилникот за стандарди и нормативи за вршење на дејноста на установите за деца, да обезбедат соодветно решение.

„Од тие причини потребата на родителите да не одат на работа е беспредметна. Анализите покажуваат дека во согласност со мерките предвидени во Протоколот градинките во државата имаат капацитет да примат 19.000 деца, а интерес досега покажале родители на 14.555 деца“, додаваат од Влада.

Револтирани од владината одлука пак, денеска во 17 часот, мајките ќе протестираат  со цел да ја убедат Владата да ја прифати предлог одлуката на Комисијата за заразни болести оваа категорија на родители да останат дома до 31 декември оваа година. Велат дека се ставени пред свршен чин, бидејки стотици деца се одбиени од градинките заради новите протоколи, како и заради краткиот рок што не дозволува и на тие што се примени да го пројдат задолжителниот период на адаптација.

„Во време кога Светската здравствена организација предупредува за нов есенски бран на заразени од Ковид – 19, кога прогнозира за зголемување на бројката на заразени и смртни случаеви Владата на Република Северна Македонија носи скандалозна, непромислена одлука да го укине продолженото породилно отсуство ризикувајки го здравјето и животот на најмалите, најкревките, оние со неоформен имунитет – бебињата.
И покрај предлогот на Комисијата за заразни болести породилното отсуство да биде продолжено, и покрај секојдневните апели на познати наши педијатри и неонатолози дека отварањето на градинките би било катастрофален потег, и покрај искуствата на многу земји каде бројот после отварање на градинките и школите драстично порасна, нашата Влада нема слух за истото и со оваа одлука докажа дека здравјето на нашите деца не е нивен приоритет, докажа дека нашите деца се експериментални глувци за нив“, велат мајките кои се организираа за денешниот протест.