Магарето на „МакeДокс“ патува низ Преспа

Магарето на „МакeДокс“ патува низ Преспа

„Магарето на МакeДокс натоварено со филмови, кино-опрема и многу, многу кромид пристигна во Преспанско. За добредојде, жителите нè пречекаа со „преспански лигњи“ и салата од сечкан кромид. Откако се освеживме во Преспанското Езеро и физички се прочистивме, заминавме кон Сливничкиот манастир, посветен на Рождеството на Пресвета Богородица, кој во нас иницираше процес на духовно прочистување. Кога го прашaвме келнерот во локалната кафеана што мисли за кромидот, тој нè испрати со зборовите – Сигурно во ваша близина ќе нема вампири. Имате кромид, носите позитивна енергија!“

Магарето на „МакeДокс“ патува низ Преспа

Вака организаторите на патувачкото кино МакеДокс ги раскажуваат своите искуства за време на патувањето кон селото Стење каде што беше закажана првата проекција, од планираните осум, во реонот на Преспа.

Магарето на „МакeДокс“ патува низ Преспа

Селото Стење на брегот на Преспанското Езеро е  оддалечено само 2 км од албанската граница. Жителите раскажуваат дека изборот на селаните да пазаруваат во Битола, а не во Корча, било одлучувачко ова село да припадне во Р.Македонија. Има 438 жители и е дел од националниот парк „Галичица”.

„Природната убавина на селото ја надополнивме со звуците на музичкиот докумотентарец „Барајќи го Шугармен”. Како што се вели во филмот:  „Дом е таму каде што се чувствуваш прифатен”. Па по проекцијата ние навистина се почуствувавме како дома,“ посочуваат од МакеДокс.

Магарето на „МакeДокс“ патува низ Преспа

Освен Стење, патувачкото кино на почетокот на август ги посети и Царев Двор и Езерани. За денеска (12 август) е закажана проекција во кино салата во Ресен, по што следат проекциите и во селата Подмочани, Сливница, Љубојно и Долно Дупени.