Луксембург ќе биде првата држава со целосно бесплатен јавен превоз

Идното лето Луксембург ќе стане првата држава во светот во којa јавниот превоз ќе биде целосно бесплатен, со тоа што се укинуваат надоместоците кои граѓаните ги плаќаат за користење на возовите, трамваите и автобусите.

Мерките се прават поради подобрување на животната средина, кои се приоритет на новоизбраната владина коалиција, предводена од Ксавиер Бетел. Покрај решавањето на транспортниот проблем, новата власт ветува и легализација на канабисот и воведување два дополнителни државни празници.

Луксембург Сити, главниот град на малото војводство, е соочено со еден од најголемите транспортни гужви во светот. Во градот живеат околу 110 илјади луѓе, додека дополнителни 400 илјади лица секојдневно доаѓаат во градот поради своите работни места. Една студија во земјата покажала дека возачите во главниот град поминале просечно по 33 часа заглавени во сообраќај во 2016 година.

Иако земјата има само 600 илјади жители, скоро 200 илјади луѓе од Франција, Белгија и Германија секој ден ја поминуваат границата и доаѓаат во Луксембург на работа.

Луксембург последниве години покажува зголемен интерес за решавање на транспортните проблеми. Изминатово лето, владата воведе бесплатен јавен транспорт за децата и младите помлади од 20 години. Средношколците можат да користат бесплатен транспорт од нивниот дом до училиштата. Граѓаните досега требаа да платат 2 евра за двочасовен сообраќај со јавниот превоз, што во земја со големина на Луксембург ги покрива скоро сите дестинации.

Воведувањето на бесплатниот превоз сè уште не е детално разработено, бидејќи уште не е одлучено како ќе се постапува со првата и втората класа во патничките возови.