Луѓето што јадат месо ја уништуваат планетата, покажува нов извештај

Потрошувачката на месо ги уништува дел од загрозените региони поради огромната површина земја која е потребна за производство на добиточна храна, се предупредува во извештајот на Светски фонд за дивината, пишува Индепендент.

Доколку се намали глобалната потрошувачка на животински продукти до ниво на задоволување на нутритивните потреби би можело да се спаси површина која е 1.5 пати поголема од Европската унија. Во меѓувреме расте популарноста на западниот начин на исхрана, која се состои од многу месо и млечни производи, стои во извештајот.

Ова претставува опасност за многу области, вклучувајќи ги и Амазон, басенот Конго и Хималаите, каде водата и земјиштето се под значителен притисок. Прекумерната потрошувачка на животински производи резултира со загуба на 60% од целиот биодиверзитет.

„Неверојатни 60 проценти од глобалниот биодиверзитет се губи со храната што ја јадеме. Знаеме дека многу од луѓето се свесни дека јадењето месо има влијание врз водата и земјата и ги предизвикува емисиите на стакленички гасови, но малкумина ги знаат главните проблеми кои доаѓаат поради производство на храната за животните,“ се вели во извештајот.

За справување со порастот на потрошувачката на месо, производството на соја се очекува да се зголеми за 80% до 2050 година.

Според нутриционистите, дневно се препорачуваат од 45 до 55 грама протеин, но, просечниот човек во Велика Британија конзумира од 64 до 88 грама, од кои 37% од протеинот е од месни производи.