Литературата за деца и млади во фокусот на книжевните преведувачи

Децата не се заинтересирани да читаат, издавачите да издаваат литература, а нема ниту доволно преведена литература за деца и млади од други јазици. Ова се заклучоците на првиот ден од традиционалната Меѓународна средба на книжевните преведувачи на тема „Преводот на книжевноста за деца и млади“ која денес беше отворена во манастирскиот комплекс во Лешок, јавува Нова Македонија.

Интернет или книги-младите сакаат да читаат

„Последниве две децении Македонија на полето на литературата за деца и млади го губи чекорот со европските земји. Издавачките куќи не се многу заинтересирани за издавање на книжевни дела за оваа популација. Згора на ова многу мал е бројот на книжевни дела од странски автори кои пишуваат за деца и млади преведени на македонски јазик, како и дела од македонски автори преведени на други јазици“, вели Стефан Симовски, претседател на оваа средба.

Целта на Меѓународната средба на книжевните преведувачи треба да овозможи повеќе контакти меѓу книжевните преведувачи од земјава и тие од странство за да дојде до поблиска соработка за преведување на книжевните дела за деца и млади на и од македонски јазик. Според Симовски, немањето контакти и немањето стратегија за унапредување на книжевноста се причините за моменталната состојбата.

На средбата традиционално ќе бидат промовирани и новопреведени книги, а присуствуваат 40 преведувачи од земјава и странство.