Ликовните педагози до МОН: Бројот на задолжителни часови по ликовно никако не смее да се намали

Пишува: Детски ликовен центар – гратско здружение на ликовни педагози и Иницијативен одбор на ликовни педагози во основните и средните училишта на РСМ по Ликовно образование и Ликовна уметност

Со внимание ја проследивме презентацијата на првата консултативна средба за новата Концепција за основно образовнание.

Со ова наше обраќање би сакале да ги споделиме нашите искуства и сугестии.

Според презентираната идеја планирано е спојување на двата предмети Ликовно и Музичко образование. Наше мислење е дека со вакви промени би се изгубила суштината на двата предмети од аспект на учениците и наставниот процес. Во однос на ликовно образование сметаме дека е потребна поголема застапеност на часовите, но и промена на моделот и програмата.

За целосно развивање на креативниот потенцијал на учениците потребно е ликовното образование да биде редовен предмет со два блок часови неделно, од 1-9 одд. Исто така многу важно е ликовните педагози да бидат вклучени во наставата од 1 одделение со цел да ги препознаваат и насочуваат потенцијалите за сите професии поврзани со визуелната уметност. Предметот ликовно да е дел од програмата  на средните стручни училишта со 2 часа неделно, особено училиштата (текстилно, архитектонско) во кое се јавува особена потреба од визуелна писменост.

Дополнително, сметаме дека со предложените промени, најмногу ќе изгубат учениците, но и наставниот процес во целина, бидејќи предметот ликовно образование е посебен предмет со свои специфични наставни содржини и истиот нема врска со изборните предмети.

Сакаме да укажеме и на фактот дека во одредена мера Вашиот концепт има делумно неточни претпоставки. Имено, не е точно дека нашите ученици се премногу оптоварени, туку напротив, македонските ученици спаѓаат во најмалку оптоварените по број на часови и предмети во Европа. Оптовареноста, според нас, е во содржините и несоодветните програми, а особено во застарениот и неадекватен наставен процес и методички пристап, а не во бројот на часови и предмети. Тоа, конкретно се огледа и во предметот Ликовно образование. Имено, во ЕУ овие предмети се застапени во просек од 2 до 4 часови.

Единствениот предмет со кој се развива креативноста – Ликовното образование, со новата концепција за основното образовние е поставен на маргините на образованието со тенденција да се укине. Од друга страна целта на промените во образованието се прават за да се промовира критичко мислење и креативност кај учениците.

Сакаме директно да укажеме, дека предложената идеја Ликовно и Музичко да се спојат во еден курикулум сè до крајот на основното образование, ќе доведе едноставно до неможност истиот да се реализира. Во неколку европски програми, постои таков пристап, но главно секаде спојувањето е ограничено на првите три одделенија. Ве уверуваме, не постои европска земја каде овие два предмети се во еден, сè до крајот на основното образование.

На денешниот состанок со министерката во МOН и покрај тоа што се утврди дека во главно имаме дијаметрално спротивни гледишта во однос на концептот за предложените реформи во образованието, напоменуваме дека и понатаму сме спремни да учествуваме во креирање на политики и да соработуваме за доброто на учениците и предметот кој го предаваме.

Остануваме на нашиот став дека бројот на задолжителни часови по ликовно образование никако не смее да се намали!