Ликовна изложба по повод Денот на планетата Земја

По повод 22 април, Денот на планетата Земја, во Еurope house Скопје е отворена ликовна изложба на ученици од прво до деветто одделение.

Организаторите од „Вело училишта“ објаснуваат дека се работи за ученици од повеќе   основни училишта во Македонија, кои ја изразија својата креативност, но и љубопитност на теми поврзани со велосипедизмот, планетата Земја, животната средина – како што е прикажано на нивните цртежи.

„Сите цртежи кои се фокус на оваа изложба беа креирани како дел од два ликовни конкурси од 2019 и 2020 година“, соопштуваат од „Вело училишта“.

Цртежите од Ликовниот Конкурс 2019 беа инспирирани од темите:
„Велосипедот од соништата”, „Безбедност во сообраќајот во мојата околина”, и „Здрава животна средина е задача на сите. Како да ја зачуваме?“.

Додека, цртежите од Ликовниот Конкурс 2020 беа инспирирани од темите:
„Заедно против климатските промени”, „Мојата омилена македонска еколошка дестинација”, и „Како би изгледал мојот идеален велосипедски град/настан?”

„Пред Вас се повеќе денови каде ќе имате можност да ги погледнете изложените цртежи и уметничката инспирација на учениците“, соопштуваат од „Вело училишта“.

Изложбата во Europe House Скопје е отворена до 6 мај, во време од 10 до 15 часот, со максимален капацитет од тројца учесници по посета.