Левица: Приведувањето на Савески е обид да се заплашат луѓето што протестираат

Приведувањето на членот на президиумот на Левица и еден од најактивните демонстранти на протестите од движењето „Протестирам“ Здравко Савески, е политички прогон на неистомислениците на власта, рече неговиот сопартиец Димитар Апасиев, на денешната прес-конференција пред Кривичниот суд. Тој упати пораки до надлежните да не ги процесуираат кривичните пријави и да не се определува мерка притвор се додека не заврши политичката криза. Од Левица соопштија дека, покрај Савески, уште четворица нивни членови се повикани на информативен разговор.

„Сакаме да порачаме на оние коишто штитат криминали, дека немате вие затвори, колку што ние имаме следбеници“, подвлече Апасиев.

„Сметаме дека ова е со цел да се угуши народниот револт кој станува се помасовен, и имаме три пораки – првата порака е до министерот и заменик-министерот за внатрешни работи, да ги евидентираат, но да не ги процесуираат овие кривични пријави додека не заврши оваа политичка криза. Второто барање е до Јавното обвинителство, да не бара притвори по овие предмети и третата порака е до судијата, а не до судот, под ниту еден основ да не определува мерка притвор, туку да остави правдата да тече онака како што е предвидено, без суптилни притисоци“, додаде тој.

Претходно, од новоформираната партија соопштија дека Савески бил повикан утрово на информативен разговор во полициската станица Пролет, во Кисела Вода, по што е задржан неофицијалано поради учество во толпа, обвинение за кое може да се добие парична казна и затворска казна до три години. Во секој момент се очекува Савески да биде изведен пред судија во претходна постапка и да даде исказ пред јавен обвинител.

Според економскиот експерт Бранимир Јовановиќ, кој и самиот беше приведен на вториот ден од протестите, па пуштен без кривична пријава, и покрај обидите да се заплашат луѓето што протестираат, тие повторно ќе излезат за да го искажат својот револт. На ова се надоврза и Марјан Ристески од Левица, кој истакна дека апсењата дополнително го здружуваат народот.

„Единствено криминалците во оваа држава се аболирани и тие можат да владеат. Ова лудило не може да владее вечно, мора да ставиме на крај. Ги повикуваме граѓаните да се охрабрат, сите еднаш засекогаш да се воведе правен систем што ќе важи подеднакво за сите“, рече Ристески.

Остра реакција во меѓувреме упати и неформалното движење „Протестирам“, од каде велат дека со бес и гнасење ја дочекале веста за приведувањето на професорот Здравко Савески.

„Да потсетиме, изминатиов период се заплашуваат и повикуваат на распит повеќе луѓе кои протестираат! Додека корумпираните владејачи се аболицираат, диктатурата удира по оние кои се одважиле да го кренат својот глас! Очигледно е дека режимот паѓа, а се обидува со себе да ги повлече сите останати! Здравко е наш другар од улиците, кој играл важна улога во сите поважни социјални протести од 2008 па наваму! Вечер ќе бидеме на улиците низ Македонија и ќе протестираме и против селективното спроведување на правдата, против заплашувањето на активистите, и за Македонија без политички затвореници!“, стои во реакцијата на „Протестирам“.

И за вечерва, веќе трета седмица по ред, е најавен масовен протест во 18 часот во Скопје, кој ќе започне пред просториите на Специјалното јавно обвинителство. протести се најавени и во неколку градови низ Македонија, како Прилеп и Струмица.