Лекарска комора: Забележан пад во вакцинацијата со МРП вакцина

По повод одбележувањето на Светската недела на имунизација, чие мото оваа година е „Долг живот за сите“, од Лекарската комора (ЛК) истакнуваат дека поради пандемијата и засиленото антивакцинално движење, забележан е пад во опфатот со редовната вакцинација.

„Тоа се забележува особено со МРП вакцината во нашата земја, поради што е потребен заеднички ангажман да се врати неопходниот опфат од 95 проценти со кој се смета дека е постигнато задоволително ниво на колективна заштита“, се вели во обраќањето на ЛК.

МРП вакцината  е вакцина против морбили, рубела и паротитис.

Дополнително, од Лекарската комора велат дека здравствените политики треба да ги поддржат здравствените работници и во континуитет да обезбедат еективни, транспарентни и објективни информации за јавноста и да се борат против лажните и погрешните информации.

„Вакцините се безбедни и ефикасни, тие се темелно тестирани и докажано спречуваат сериозни болести, спасувајќи милиони животи секоја година.  Лекарите и здравствените работници преку подигнување на нивото на здравствена едукација за придобивките од вакцинацијата и преку споделување на факти засновани на научни докази креираат позитивно општествено окружување за зголемување на опфатот со вакцинацијата“, нагласуваат оттаму.

Од Лекарската комора посочуваат дека редовната имунизација е нарушена поради пандемијата од Ковид-19, а постои и  ризик кој доаѓа поради бегалската криза предизвикана од воениот конфликт во Украина каде се смета дека опфатот со вакцинација е помал во однос на другите европски земји.

Комората, која е член на Постојниот комитет на европски лекари (CPME) и Коалицијата за вакцинација ги поддржува барањата и повика:

  • редовната вакцинација да се смета за приоритет за сите возрасни групи, особено за децата
  • возрасните, особено ризичните групи и постарата популација да се вакцинираат со бустер доза против Ковид 19, како и да се зголеми опфатот со оваа вакцина кај адолесцентите и децата
  • да се обезбеди бегалската популација, особено децата, да добијат лесен пристап до вакцинација
  • да се помогне на здравствените работници да започнат кампањи за вакцинација и да се поддржи зголемувањето на опфатот со редовна вакцинација кај бегалската популација и населението на земјите кои прифаќаат бегалци.