Легендарата Клаудија Кардинале и оскаровецот Роџер Дикинс пристигнаа во Македонија

Големата италијанска и светска актерка, легендарната Клаудија Кардинале, како и оскаровецот Роџер Дикинс, вчера попладне пристигнаа во Македонија, соопштија од Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

Клаудија Кардинале пристигна со својата ќерка во Скопје, расположена, ведра и заинтересирана да ја запознае земјата која и’ оддава почест со наградата Специјална Златна камера 300 за особен придонес во светската кинематографија. По краток одмор во Скопје, таа продолжува кон Битола каде вечерва, на свеченото отворање на 39. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ ќе и’ биде врачена наградата.

Британскиот кинематографер Роџер Дикинс, лауреат на Златна камера 300 за животно дело на годинешното 39. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, дојде во Македонија, заедно со својата сопруга Изабела.

Тој веќе пристигна во Битола, каде го пречека директорката на Фестивалот, Гена Теодосиевска, заедно со фестивалскиот тим.

Роџер Дикинс е еден од најголемите живи светски кинематографери и нему утревечер ќе му биде врачена наградата, а во понеделник (24 септември) тој ќе одржи мастер класа во рамки на програмата на ИФФК „Браќа Манаки“.

Фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола ќе трае до 29 септември, а публиката ќе може да види 95 филма, поделени во повеќе филмски програми.

Специјалната Златна камера 300 за филмската дива

Италијанската и светска актерка, филмска дива е лауреат на Специјалната Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност на 39. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ за 2018 година.

Клаудија Кардинале е Италијанка родена во местото La Goulette, во Тунис (1938), студирала во „Paul Cambon School“ со намера да стане наставничка.

Но, на 19-годишна возраст победила на натпреварот „Најубава Италијанка во Тунис“, освоила наградно патување на филмскиот фестивал во Венеција и го го добила првиот филмски ангажман. Нејзиното деби била една помала улога во GOHA (1958) заедно со Омар Шариф.

Таа станува особено позната во Италија по славниот филм на Лукино Висконти ROCCО AND HIS BROTHERS (1960).

Во годините што следат, Клаудија Кардинале ги снимила некои од најважните филмски остварувања во историјата на светската кинематографија.

На 25 годишна возраст, во 1963 година, таа ги снима филмовите LEOPARD на Лукино Висконти и „8 1/2“ на Фелини, два ислучително значајни филмски класици. Но тука е и познатиот CARTOUCHE со Жан Пол Белмондо.

Нејзината импозантна филмографија  бележи повеќе од 175 улоги во филмови, телевизиски серии и краткометражни филмови, но Кардинале е неуморна и вљубена во филмската уметност, па нејзиот најнов филм  PICCOLINA BELLA (2017) е во постпродукција.

Во 1963 година нејзината уникатна актерска игра и маракантна појава ги преминува границите на Италија и Кардинале станува светска ѕвезда по улогата во PINK PANTHER. Следните неколку години таа се сели во Холивуд каде ги снима  BLINDFOLD (1965), LOST COMMAND (1966),  THE PROFESSIONALS (1966), THE HELL WITH HEROES (1968) и култниот епски вестерн на Серџо Леоне ONCE UPON A TIME IN THE WEST (1968), американско – италијанска копродукција со Џејсон Робардс, Чарлс Бронсон и Хенри Фонда.

Во нејзината долга и богата кариера, Кардинале глумела покрај филмските партнери како Марчело Мастројани, Франко Неро,  Берт Ланкастер, Шон Конери, Рок Хадсон, Ален Делон, Енони Квин, Џон Вејн и Дејвид Нивен, да спомнеме само некои од нив.

Несакајќи да стане холивудско клише, Клаудија повторно се враќа во Европа каде ги снима  IL GIORNO DELLA CIVETTA (1968), за кој ја добива наградата „David di Donatello“ за најдобра женска улога и A GIRL IN AUSTRALIA (1971). Во 1974 година го среќава режисерот  Паскал Сквитијери се мажи за него и често игра во неговите филмови.

За филмот CLARETTA (1984) ја освои наградата „Pasinetti“ за најдобра женска улога на Филмскиот фестивал во Венеција, а во 1994 година го добива Златниот лав за животно дело. Ја славеле и фестивалите во Кан и Берлин.

Во 2011 година беше прогласена за една од 50- те најубави жени во филмската историја. Клаудија Кардинале во својата исклучително богата кариера има освоено над 35 награди и призанија на значјани светски филмски фестивали. Во 2016 година, официјалниот постер на филмскиот фестивал во Кан беше со ликот на Калудија Кардинале

Таа е позната како борец и активист за женските права и од 2000 година е Амбасадор на добрата волја на УНЕСКО.