Лажните вести на кои наседнаа Фејсбук и Гугл ќе поттикнат промени

Системот за пребарување на Гугл истакна погрешна вест во кој се тврди дека новоизбраниот претседател Доналд Трамп имал повеќе гласови вкупно од Хилари Клинтон на минатонеделните избори. Ова е последен пример на лажни информации кои се шират од гигантите на интернетот.

Линк до погрешната вест, постирана од пропаганден сајт за Трамп, се појави на самиот врв на рангирањето според влијателност на Гугл за релевантни новински вести, кои се појавуваат при пребарувањето на резултатите од американските избори.

Гугл го призна проблемот и иако компанијата ретко отстранува содржини од своите резултати на пребарувања, тие соопштуваат дека преземаат чекори за да се казнат сајтовите кои шират дезинформации. Гугл објаснува дека ќе спречи нивните атрактивни дигитални реклами да се појавуваат на сајтовите кои „дезинформираат или прикриваат информации“. Оваа акција може да претставува обесхрабрување на сајтовите да објавуваат лажни содржини, бидејќи ќе го изгубат нивниот извор на приходи.

По завршување на изборите и Фејсбук беше обвинет за влијание на изборниот исход со промовирање на лажните информативни текстови на својата платформа. Минатото лето компанијата даде отказ на неколку новинари кои ја надгледуваа нивната „трендинг“ листа на вести и ги замени со алгоритам – лажните вести брзо почнаа да стануваат популарни.

Сопственикот на Фејсбук, Марк Закерберг ги отфрли критиките, нарекувајќи ги „луди“. Преку фејсбук пост тој објасни дека 99% од она што луѓето го гледаат на неговата платформа е автентично. Тој призна дека треба да се вложи поголем напор за блокирање на лажните информации, но истакна дека одредување што е целосно лажно не е секогаш лесна задача.

„Идентификување на вистината е комплицирано. Додека некои лажни информации можат целосно да се разоткријат, огромна количина содржини, вклучувајќи и од највлијателните извори, често имаат точна основна идеја но некои од деталите се погрешни“, напиша тој.

Вестите кои се појавуваат на фејсбук профилите првично се селектирани од автоматски алгоритми. Пребарувањето на Гугл користи идентичен начин на селектирање содржини кој компанијата редовно го менува за да се избегнат сајтовите кои се обидуваат вештачки да ја подигнат својата популарност.

Лажните информации не се ништо ново на интернет, но проблемот привлече поголемо внимание во текот на претседателските избори во САД, во кои републиканскиот милијардер и ријалити ѕвезда, Доналд Трамп, ја порази Хилари Клинтон од демократската партија и поранешен државен секретар, која постојано имаше предност на анкетите.

Доминантниот систем за пребарување на Гугл е водечки извор за сообраќај до медиумските интернет страници, според онлајн аналитиката на Чартбит. Во меѓувреме според студија од Пју истражувачкиот центар, околу 60 проценти од Американците дел од вестите ги добиваат од социјалните мрежи како Фејсбук – кој има 178 милиони корисници во САД и Канада.

Лоши или лажни информации во наслов на онлајн вест можат да бидат посебно штетни. Скоро 53 проценти од луѓето кои посетуваат интернет страница, според Чартбит, се задржуваат на неа 15 секунди или помалку.

Погрешните информации ќе продолжат да се шират низ интернетот како луѓето се повеќе зависат од своите телефони, компјутери и други дигитални уреди за читање вести кои за нив ги одбира автоматизирана програма, смета медиумскиот аналитичар Кен Доктор од Њузономикс.

„Тоа што го гледаме е грешка на алгоритмот. Овие алгоритми носат многу позитивни работи во нашите животи, кои не можат да ги донесат луѓето. Но кога алгоритмите ќе погрешат, го истакнуваат фактот дека тие не се некој вид на неутрална технологија. Тие се програмирани од луѓе и ги имаат сите наши недостатоци“, вели Доктор.