„Лапе“, нов дизајн за женски фестивалски тоалети

Музичките фестивали се место полно со позитивна енергија, авантура и забава. Но тие можат да бидат и неправедни кога станува збор за одењето во тоалет. Додека мажите можат да ги извршат своите физиолошки потреби каде било, ситуацијата кај жените е малку по специфична. Тие би морале да чекаат долги редици пред тоалетите, за потоа да се задржат и подолго време во нив.

Решението за овој проблем го наоѓа француската архитектка Џина Перие. Нејзината компанија го креираше „Лапе“. Концептот е многу едноставен и ја користи идејата од обичниот машки писоар, со вграден резервоар.

Разликата е во тоа што празнината со одводот е крената повисоко за полесно користење, а страничните даски се поголеми и поставени во спирална форма за да се осигура приватноста на корисничката.

25 годишната Перие нагласува дека идејата било едноставно да се направи женска верзија на производ кој постои низ целиот свет. Нејзиниот „Лапе“ им овозможува на 3 жени да го користат истовремено, а нема врати. Времето кое ќе го потршите во него во просек би било околу 30 секунди наспроти 3 минути потрошени во класичен фестивалски тоалет.

Иако ваквата идеја за олеснување на физиолошките потреби кај жените не е нова, овој концепт би можел наскоро целосно да ги замени женските монтажни тоалети. Со него многу повеќе се гарантира безбедноста, брзината и хигиената на тоалетите.