Лансирана Kickstarter кампањата за првата македонска друштвена игра

Кампањата за финансирање на Small Star Empires, првата македонска друштвена игра чиј дизајнер е Милан Тасевски, беше лансирана вчера на платформата Kickstarter.

На официјалниот настан одржан во Јавна соба, заинтересираните можеа да ја видат и поиграат играта и да се запознаат со тимот кој стои зад неа.

Целта на кампањата е да се соберат 14000 австралиски долари. Досега има собрано околу 5500 долари, а кампањата ќе трае уште 29 дена. Сите кои сакаат да донираат средства за Small Star Empires, можат да го сторат тоа на следниов линк.

Инаку, станува збор за игра со брзо темпо, наменета за два до четири играчи, а целта е да се колонизира галаксија. Играчите се движат со своите вселенски бродови по модуларна мапа, и со тоа ги колонизираат планетите и системите во галаксијата. Во зависност од тоа каков систем колонизирале, со секој потег добиваат одреден број поени.