ЛандСервис за Радио МОФ: „Сити мол“ ја прекина соработката, зашто не ги отстранивме Ромите!

ЛандСервис за Радио МОФ: „Сити мол“ ја прекина соработката, зашто не ги отстранивме Ромите!Компанијата за чистење и дезинфекција – ЛандСервис ДООЕЛ – Скопје, во допис кој го достави до Радио МОФ, тврди дека наводно „Скопје Сити мол“ ја прекинал соработката со нив, бидејќи одбиле да ги отстранат вработените од ромска националност!

„Во прилогот што го доставуваме до вас, најочигледно се гледа дека во точка 8 од нас се бара да ги отстраниме вработените кои се од ромска националност!!! Ние како компанија не го исполнивме тоа барање, бидејќи сметаме дека со тоа барање најгрубо се кршат основните човекови права, се врши расна дискриминација и сето тоа од најодговорните менаџери во Скопје Сити Мол. Откако не го исполнивме ова нивно барање, ние како компанија повеќе не работиме во Скопје Сити Мол и сметаме дека ова беше причина со која тие ни ја прекинаа соработката“, се вели во дописот од компанијата.

Од ЛандСервис, компанија за чистење и дезинфекција во која работат луѓе од македонска, ромска и албанска националност, соопштуваат дека планираат овој проблем да го подигнат на највисоко ниво, бидејќи постојат европски закони кои ги штитат правата на сите граѓани без оглед на нивната национална припадност.

Бурата од реакции во јавноста започна откако порталот А1он го објави мејлот во кој „Скопје Сити мол“ наводно и наредил на компанијата најдоцна до 20.01 годинава, да ги отстрани сите вработени од ромска националност во делот за храна.

Радио МОФ го контактираше и маркетинг одделот на Скопје Сити Мол за реакција околу обвинувањата на компанијата ЛандСервис, но оттаму ни одговорија дека нема да даваат изјави и наскоро ќе излезат со соопштение за случајот.

Во меѓувреме на Фејсбук веќе се отворија неколку групи кои повикуваат на бојкот на Скопје Сити Мол заради дискриминација и ширење на омраза кон Ромите, а дел од активистите за попладнево (20.03) во 17 часот најавуваат и протести пред шопинг центарот.

K.O.