Шест купувачи и 25 вработени во ИКЕА мораа да ја поминат ноќта на кревети и софи во продавницата за мебел поради обилните снежни врнежи во Данска вчеравечер, јави данскиот радиодифузен сервис, пренесува германската новинска агенција „ДПА“.
На фотографиите во продавницата околу градот Алборг, се гледаат заглавените луѓе како седат заедно и пијат пиво или кафе, додека гледаат фудбал.
„Сите беа мили, а ние всушност само се смеевме на ситуацијата затоа што веројатно нема да ја доживееме повторно“, изјави купувачот Мишел Барет.
Големи делови на Данска, вклучително и главниот град Копенхаген се соочуваат со сообраќајни проблеми, проблеми со железничкиот сообраќај и привремени прекини на струја поради снежното невреме. На аеродромот во Алборг, околу 300 луѓе мораа да чекаат преку ноќ поради невремето.
Исто така, проблеми во текот на ноќта имаше и на други места во државата.