Куковите Острови размислуваат за промена на името на референдум

Куковите Острови сакаат да го променат името на земјата, останато од ерата на колонијализмот, со ново кое ќе го отсликува домородното население во земјата.

Земјата, која од 1835 година носи име по британскиот морепловец Џејмс Кук, е составена од 15 тропски острови во Јужниот Пацифик и има 17.500 жители.

Дени Матароа, шефот на комисијата за промена на името, основана во јануари, постепено добива поддршка од владата за овој проект и во тек е евалуација на 60 предложени имиња од страна на граѓаните.

Целта е најдобриот предлог да биде предложен до владата во април, кој треба да биде нешто што е лесно за изговор, но истовремено ја вклучува локалната историја и култура, напоменал Матароа. Дури потоа владата предлогот ќе го стави на референдумско изјаснување.

„Името мора да има примеса од нашата христијанска вера и да биде поврзано со нашето маорско наследство. Истовремено мора да внесе чувство на гордост меѓу нашите граѓани и да ги обедини“, рекол Матароа за локален медиум, пренесува Гардијан.

Веројатно новото име за земјата ќе биде на маорскиот јазик кој се користи на Куковите Острови, кој е близок до новозеландскиот маорски јазик. Засега не е соопштен ниту еден од предлозите, иако во јавноста често се зборува за името Аваики Нуи, локалниот термин кој се користи за островите.

Куковите Острови можат да се одлучат и за двојазично име, изјавиле членови на комисијата. Такво име користи Нов Зеланд, каде во земјата и во професионалните и во јавните сфери често се користи терминот Аотеароа, маорското име за Нов Зеланд.

Најголемиот дел од жителите на Куковите Острови живеат во Нов Зеланд, но со порастот на туризмот на островот, голем број луѓе се враќаат назад во родната земја.